Грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој учествува на Петтиот Самит на земјите од Југот што се одржува на Кипар, испрати порака дека Договорот од Преспа покажува оти постојат европски решенија преку дијалог и меѓусебно разбирање.

Пораката што ја праќаме денес, овде е порака на заедничко чекорење во правец на изнаоѓање на заеднички европски решенија. Пораката што ја испраќа успешниот обид што го имавме во однос на триесетгодишните разлики за името со Северна Македонија, исто така е порака дека постојат европски решенија преку дијалог и преку меѓусебно разбирање – порача грчкиот премиер.

На заедничката прес-конференција со претседателите на Кипар и Франција, премиерите на Италија, Малта и Португалија и шефот на шпанската дипломатија, грчкиот премиер изјави дека верува во Европа што „може да дава решенија, наместо да тоне во интровертност, Европа која ќе може, освен да ги решава нејзините проблеми, да игра суштинска улога на меѓународната сцена како столб на мир и стабилност“.