Советот за развој на бугарската Влада ја почна расправата околу проектот на Министерството за правда за измени на Законот за бугарско државјанство, што ќе биде предмет и на јавна општествена дебата, пишуваат бугарските медиуми.

Една од измените во законот е да не им се издава државјанство на големи странски инвеститори. Се предвидува за обезбедување на бугарско државјанство да бидат скратени роковите и да бидат прецизирани критериумите. За кандидатите за добивање бугарско државјанство се воведува владеење на бугарскиот јазик и барателот да има работа и приходи во Бугарија. Друг предлог е при барањето за престој да отпаднат некои веќе официјално потврдени докази, односно документи во хартиена форма.

Неопходна е и генерална промена на четири закони, што се однесуваат како на Бугарите, кои живеат во странство, така и за бугарското државјанство, изјави Рајна Манџукова, поранешна претседателка на Агенцијата за Бугарите во странство.