Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди Русија дека не покажува дека го почитува Договорот за нуклеарното оружје со среден дострел и дека иднината на договорот е во опасност бидејќи САД се подготвува следната недела да излезе од него.
„Договорот е во опасност и за жал не видовме никакви знаци на напредок“, изјави Столтенберг по состанокот на НАТО со Русија во Брисел.
Договорот кој САД и Советскиот сојуз го потпишаа во 1987 година забранува производство, тестирање и распоредување на крстаречки и балистички проектили кои се лансираат од земја и чии домет е од 500 до 5.500 километри.
Пентагон на своите сојузници им даде информации дека новиот ракетен систем 9М729 го крши договорот бидејќи се верува дека крстаречката ракета лансирана од земја би и дала на Москва можност да изведе нуклеарен напад врз Европа со малку или воопшто време за реакција. Русија тврди дека тој проектил има домет помал од 500 километри.
Доналд Трамп во октомври предупреди дека Вашингтон ќе го напушти договорот заради наводното руско кршење на договорот. Ако не се смени состојбата, САД би требало на 2 февруари да почне шестмесечна процедура за излез од договорот.
„Одговорноста за сочувување на договорот е на Русија, бидејќи Русија го крши договорот со развојот и распоредувањето на нови проектили. Тие проектили е тешко да се откријат. Подвижни се. Имаат нуклеарен капацитет. Може да достигнат до европските градови и го скратуваат времето за предупредување, па така го снижуваат прагот, за евентуална употреба на нуклеарно оружје при судир“, наведе Столтенберг.
Тој наведе дека нема напредок во разговорите бидејќи Русија „не покажува волја да го промени ставот“.
Генералниот секретар на НАТО ги отфрли руските тврдења дека американските крстаречки ракети и дронови „предатор“ кои се користат за вежби при гаѓање го кршат договорот за нуклеарно вооружување.
„Русија секогаш поставува прашања како би го одвлекла вниманието од вистинските проблеми. Во Европа нема нови американски проектили но има нови руски ракети“, наведе Столтенберг.
Comments are closed for this post.