По елиминацијата во четвртфиналето од Азиското првенство, италијанскот тренер Марчело Липи (70) објави дека го напушта местото селектор на фудбалската репрезентација на Кина, која ја водеше од 2016 година.

Иран во Абу Даби со леснотија ја совлада Кина со 3-0, а победата можеше да биде поуверлива доколку иранските фудбалери не прокоцкаа бројни гол-шанси.

Со овој натпревар ми истече договорот со кинеската репрезентација. Ми беше чест да водам репрезентација на толку важна држава и сакам да им се заблагодарам на сите за поддршката, изјави Липи, кој во богатата тренерска кариера има освоено многу трофеи.

Марчело Липи со Јувентус ја освои Лигата на шампионите (1995–96) и пет пати Серија А, а круна на неговата кариера е титулата светски првак со Италија во 2006 година. Освен Јувентус, ја има водено и Аталанта, Наполи и Интер.