Шпанецот Рафаел Надал се пласираше во 25-тото финале на Гренд-слем турнир на Австралија Опен, откако немаше никакви проблеми во полуфиналето со младата грчка надеж Стефанос Циципас. Средбата на „Род Лејвер Арена” заврши со резултат 3:0 во сетови за Рафа, а двајцата поминаа на теренот помалку од два часа.

„Се надевам дека можам да играм уште подобро во иднина. Ова беше добар натпревар и добар турнир. Овој терен и навивачи ми дадоа неверојатна енергија. Тоа што сум петти пат во финалето е голем успех за мене. Пред неколку недели во Бризбејн морав да се откажам затоа што не можев да играм, беше тешко да се замисли дека ќе стигнам до оваа фаза“, кажа Надал.


Вториот тенисер во светот во полуфиналето на турнирот во Мелбурн го совлада грчкиот тенисер со 6-2, 6-4 и 6-0 за само еден час и 46 минути.

Се обидувам да сфатам како Федерер го победува … има сличен стил на мојот. Се обидувам да сфатам. Не сакам да изгубам 10 пати од Рафа. Иритирачки е дека дури не се приближив до брејк во натпреварот. Многу е агресивен од главната линија, изјави по средбата гркот Циципас.

Во второто полуфинале, во петок, играат Ѓоковиќ и Лука Пуј, па се очекува во големото финале да се пласира Србинот, кој е голем фаворит во дуелот.