Предлогот на Владата за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во РМ, што пред пратениците треба да се најде на собраниската седница закажана за в понеделник, е потпишан од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Со предложените измени се предвидува зголемување на коефициентот од 3,7 на 4,00 од просечната плата во државата за петтемина вицепремиери на Владата-Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Кочо Анѓушев и Хазби Лика. Со други зборови, вицепремиерката Шекеринска самата предлага и бара зголемување на платата на вицепремиерката Шекеринска.
Согласно предложените измени, разликата во плата ќе изнесува 8.027 денари месечно во бруто износ, или за 5 заменици на претседателот на Владата за 12 месеци 481.620 денари.
На иницијатива на партијата Левица, Уставниот суд во март минатата година одлучи да го укине делот од членот 14 на Законот за платата и други надоместоци на избраните и именуваните лица во РМ, што се однесува токму на „потпретседател на Владата“. Сега, според предлогот на Владата, со измените треба, наводно, да се направи усогласување на овој Закон со Законот за Влада на РМ.
Comments are closed for this post.