На неодамнешното прашање: „Постои ли уште македонска нација?“ веднаш ќе одговорам негативно. Со неодамнешните политички настани – прифаќање на Преспанската спогодба во македонското собрание, како и официјализирањето на т.н. Законот за употреба на јазиците и др., македонското општество гради ГМО нација – северномакедонска, со северномакедонски атрибути во однос на јазикот/ јазиците, историјата, обичаите, содржината, производите и друго – омеѓено во северномакедонските граници! Тоа значи, анулирање на македонското народносно јадро, сведувајќи го на степен на граѓанство/државјанство и воедно издигнувајќи го албанското народносно малцинство како државотворен чинител. Сето ова е последица на конкретните историски прилики во кои не создадовме матица на македонските интереси и изрази, особено од 1991 г. Наспроти тоа се случи катастрофална приватизација на општествените добра во РМ, без сенс за морално и правично однесување и создавање на производ, без конкретни јавни, општествени и национални пораки кон претставниците на етничките малцинства, нарушен образовен и научен систем итн.
Ова, пак, имаше силно влијание врз моќта за одржување на суверенитетот и на интегритетот на независната македонска држава. Нејзините политички претставници покажаа многу слаб државотворен капацитет за разлика од АСНОМ-ските, имајќи поголем бескрупулозен настап во однос на македонските национални интереси и добра, приграбувајќи ги и фрагментирајќи ги во феудални имоти, според нивната скромна логика. Сево ова влијаеше и на внатршниот и на надворешниот политички живот на Р Македонија, наскоро Северна. Ова конкретно значи бришење на историското постоење на македонскиот народ кој живее и во соседните држави, благодарение на воените и на политичките интереси и настапи на големите сили и ивните марионетски држави на Балканот во XX век! Ова пак, значи дека Македонското прашање и во нашето совремие е актуелна политичка тема.
Штом е веќе така, тогаш ќе се осврнеме на појавата и на суштината на истото, во конкретните историски услови. Изворната граѓа укажува дека македонското прашање уште од средината на 50-те години на XIX век, започнало да се изразува како јазично, културно и народносно, во настапите на македонските внатрешни структури пред јавната власт конкретно – пред духовната власт на Цариградската патријаршија, односно духовната власт на Бугарската егзархија од 1870г. Но, како што пишува (1871) П.Р.Славејков од цариградскиот круг на бугарската преродба, македонското прашање не требало да „излезе на пазарот“ – значи, исто како и денес! Антиципирањето на македонските особености не било одредница ниту во османлиската државна политика, ниту на европските сили, во прв ред на царска Русија и на Австро-Унгарија. Во третираниот период, судбината на земјите и на народите од источниот дел на Балканот била под постојан притисок и влијание на Царска Русија. Западниот дел на Балканот (со солунското пристаниште), Русија често го препуштала како сфера на влијание де на Австрија, де на Франција или пак на Англија. Респективната делба на османлиската територија на Балканот, а во тој ред и на Македонија била константа во политиката на Царска Русија, која ја карактеризираат два модели. Првиот, уништување на османлиската држава и создавање на една голема и доминантна балканска држава (Грчка Империја, Голема Србија, Голема Бугарија), како моќен и лојален медијатор на нејзините стратешки интереси во јужниот дел на Европа. Вториот модел, се состоел од формирање на сојуз на балканските држави против османлиската држава (прв балкански сојуз 1862/7 со Србија како предводник); втор балкански сојуз 1904/12) и кој би ги посредувал руските интереси на Балканот преку Србија и Бугарија.
Во споменативе политики, МАКЕДОНИЈА фигурирала единствено како ТЕРИТОРИЈАЛНА ВАРИЈАБЛА, а националната содржина била игнорирана, заради мистифицирање, што најдобро го потврдуваат последиците од Балканските војни (1912/13). Мала дигресија, внимавајте, руското МНР нема ништо против новото име на државата, но се секира за процедурата! Според ова, ние сме територија, земја, но не и македонски народ на земја и со земја! Вториот надворешно-политички конкурент за македонскиот простор е Австриското Царство, односн0 Австро-Унгарија од 1867 г. Барајќи можности за своите великогермански политички аспирации се определила за една албанска државна творба која би одела од Јанина (значи од Епир) до Скадарското езеро и доволно поставена на исток, односно дека Вардарската долина повеќе им припаѓа на Албанците, бидејќи тие биле дел од владеачкиот систем, независно од нивната бројност и од нивниот географски распоред (изјава на министерот Ѓ.Андраши), поставувајќи ги елементите на големоалбанскиот мит одржан до денес на Балканот. Секоја сличност со современите настани е ненамерна!
Османлиската држава, пак, организирајќи го македонскиот народ во територијално-административни единици – вилаети (Солунски, Битолски и Скопски/Косовски) имала за цел да ја анулира митско-генеративната моќ на името Македонија. Но, за пошироката македонска народна свест, таа и понатаму била синоним за заедничка татковина со свои посебни интереси и своја политика, особено при актуелното народно-ослободително движење предводено од Македонската револуционерна организација – ТМОРО (во тоа време). Во овој контекст е и забелешката на британскиот современик Хенри Н. Брејлсфорд: „Нивните балади за бунт во кои зборот ’Македонија‘ се јавува во секој рефрен докажуваат дека тие имаат татковина… Тие се народ врзан за почвата, вкостени во своите села со ограничен опсег на чуваства кои побожно се вртат околу нивните планини, нивните реки и нивните древни цркви. Нација [народ, б.н.] на селани што тргнува со вакви конзервативни одлики бргу ќе развие вистински патриотизам“.
Сето ова што ви го понудив како подолго историско четиво е со намера за правилно расудување и разбирање на нештата кои извираат од внатршната општествено-политичка атмосфера, но и од меѓународните геостратешки манифестации кон Македонија и македонскиот народ, сега и во иднина!
Comments are closed for this post.