Традиционално кај нас за време на Божиќните и новогодишните празници се прави популарната руска салата која важи за една од омилените за сите слави, празнувања, имендени, родендени и други убави поводи. Истата е доста калорична и е тамам за консумирање во текот на зимата. А пак во текот на летото, обично сакаме лесна, свежа и помалку калорична салата, нешто како познатата грчка салата. Е па сега некој ќе рече, не сакам грчка, сакам француска салата. И така секој народ си има своја салата што ја именувал според своето име. Е и ние си имаме или имавме своја салата – салатата Македонија. За разлика од салатите на другите народи, салатата Македонија е мешана овошна салата. Се смета дека името на оваа салата е инспирирано од македонското царство на Александар Велики, кое било составено од мешавина од многу народи. И така, кога во Европа ќе се спомене салатата Македонија, тоа веднаш асоцира на мешана овошна салата, баш како нашата мала мешана чудесна земја.

Сега откако ќе се ребрендираме кај нас и во светот како Северна Македонија, претпоставувам дека ќе треба да измислиме и нова салата со тоа име, нешто како северна македонска салата. И сигурно тоа пак ќе биде мешана салата, само што ќе треба да се договориме околу рецептот. А гледам некако ни снемува и од состојките. Се помалку и помалку не има во салатата. А околу рецептот сигурно со некои од соседите ќе треба прво да се консултираме, нив да ги прашаме, да се договориме, за да не се скараме. Но, ние веќе се договоривме со нив, па така во иднина ако тие сметаат дека им крадеме од рецептот за нашата нова северна македонска салата, во тој случај ќе си имаме проблеми, ќе не укоруваат, ќе ни прават забелешки. И секако рецептот нема да биде според наш вкус.

Видовме дека после ребрендирањето сите наши странски пријатели се задоволни и среќни, дури упатија и честитки по повод новата салата, па така ние веќе можеме да започнеме со сервирањето на салатата. Но, кога ќе се замислам нас не очекува многу напорна работа околу подготовката, бидејќи странците си имаат строги правила. Па ете, пак рецептот нема да биде според нашиот вкус, туку според тој на странците. Власта рече дека сега на ред е економијата, а таа – економијата веќе одамна се најде најодзади на редот, па така бедни не ќе можеме да си обезбедиме и основни состојки за новата салата.

Капацитетот на власта беше до тука да ја ребрендираат салатата. Нешто се обидуваат околу рецептот да направат, но лошото е што не го прават според нашиот вкус. Исто така, сега се прашувам и дали тие воопшто знаат да ги погодат вкусовите, или едноставно си готват само за нив, само тие да кркаат од салатата, од тендерите, а парите за салатата се наши. Ем салатата не е по наш вкус, ем ние плаќаме. И ете гледаме дека лошо готват, па што би се рекло не ги бива во кујната, и затоа добро е да ги засукаме ракавите и да започнеме сами да си ја правиме салатата според наш вкус.

На здравје.