ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на Службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавувањето на Законот за двојазичност, без потпис од претседателот на државата.
Потпишувањето и предавањето во Службен весник на Законот за употреба на јазикот, од страна на претседателот на Собранието на Талат Џафери, без потпис на претседателот Ѓорге Иванов е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што соопшти генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, чинот на потпишување ниту е легален, ниту легитимен и носи не само политички туку и правни последици. Објавувањето на законите на ваков начин е злоупотреба на службената должност и е казниво според членот 353 од Кривичниот закон на РМ.
Јанушев додаде и дека делото не застарува, а според штетите по Република Македонија од незаконското носење на законите во Службен весник, минималната казна е пет години затвор.
Дополнително од партијата најавуваат дека ќе поднесат иницијатива за испитување на уставноста за Законот за двојазичност до Уставниот суд.
Comments are closed for this post.