Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша Законот за јазици и на својот официјален профил на Фејсбук објави дека Законот за употреба на јазиците, или во јавноста познат како Закон за албански јазик, е објавен во Службен весник.
Ова значи дека законот и официјално стапува на сила.
Откако Собранието го изгласа првпат на 11 јануари минатата година, а претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот за негово прогласување тој повторно беше донесен на 14 март минатата година, без поддршка од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
По објавувањето на законот во Службен весник, покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт.
Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.
Сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик, исто како и владините одлуки.
Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.
На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
На граничните премини и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.
Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страници.
Законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно.
Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.
Comments are closed for this post.