Историското гласање на македонските парламентарци за промена на името на државата го трасираше патот кон меѓународната сцена, но дубиозниот начин на кој тоа е сторено остава длабоки политички лузни поставувајќи го прашањето со владеењето на правото, пишува во обемниот осврт Политико, европско издание.

Парламентот на малата балканска земја, како што пишува сајтот, гласаше за промена на името во Република Северна Македонија во петокот вечерта во обид да се одблокира патот кон членството во НАТО и потенцијално во ЕУ.

Но, иако тој чекор доби широка поддршка од меѓународната заедница, гласањето беше во сенка на обвинувањата за поткуп и валкани политички трикови. Опозицијата и граѓански активисти велат дека земјата мора да претрпи измени со повторен фокус врз судските реформи кои се неопходни за приклучување кон ЕУ, наведува политико.еу

 

Порталот ја опишува атмосферата пред гласањето при што подвлекува дека премиерот Заев имал консултации во последен момент со групата пратеници кои поставија приговори, но на крај сите си подале рака со краен заклучок дека е тешка одлуката да се смени името на државата, но „подобар договор не може да се постигне, а без договор со Грција нема членство во ЕУ и во НАТО“.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров вели дека земјата покажала определба кон европските вредности.

Ја презедовме судбината во наши раце. Правиме историја со отворање на нашата иднина, изјави Димитров.

Повеќето законодавци сметаат дека патот кон НАТО е отворен и оти тоа ќе се случи во наредните месеци, секако, притоа се потсетува дека ќе се чека на одобрувањето и во грчкиот парламент.

Но, покрај овие позитивни страни на приказната, Политико се осврнува и на лошата – а таа е како е обезбедено двотретинското парламентарно мнозинство кое може да ја плати цената понатаму. „Националистичката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираше гласањето тврдејќи дека промена на името е закана за македонскиот идентитет. Тие го обвинуваат Заев дека се користел со уцени и закани за да се истурка процесот до крај“, пишува порталот.

Потпретседателот на партијата, Александар Николоски за Политико изјави:

Немаше ни грам слобода или фер (во процесот). Беше спротивно. За мене тоа беше најодвратното нешто кое сум го видел во Македонија или во регионалната политика“.

Забелешките се фокусирани врз независната парламентарна група од осуммина пребегани парламентарци од ВМРО-ДПМНЕ, кои дадоа поддршка за промена на името. Постојат сомнежи дека Владата ја добила поддршката со изгласувањето на контроверзната амнестија за поддржувачите на ВМРО на кои им се суди за наводна вмешаност во нападот на парламентот во април 2017, кога околу 100 лица беа повредени. Заев и неговата левичарска СДСМ демантираат дека постои таков дил.

Овој договор ќе остане запаметен засекогаш зашто беше очигледно и за јавноста дека постоеше трговија со владеењето на правото и со судството за да се добијат гласовите, вели Николоски.

Но, и други изразија сомнежи околу тоа како се обезбеди гласовите. Политико потсетува дека на 28 декември 17 невладини организации ги обвинија парламентарците за изгласувањето на измените на Кривичниот законик со што се овозможи поблаги казни или истечување на роковите на некои случаи кои ги води Специјалното јавно обвинителство. Тројца од групата со осумтемина, меѓу кои и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, беа поврзани со тие случаи. „Неказнивоста живее“, напишаа невладините.

Фани Каранфилова- Пановска, извршен директор на Фондацијата Отворено општетство Македонија, која го потпиша писмото, вели дека промената на името беше „многу добра работа“ за земјата.

Нам тоа ни беше потребно…(но) цената можеби е превисока во смисла на укинување на владеењето на правото, вели Пановска.

За Ерик Мантон, аналитичар за конфликти, „постојат низа грижи за тоа како е воден процесот и оти тешките компромиси, направени за промена на името, ќе биде тешко да се надминат со цел целосно да се капитализираат новите можности со евроатланската интеграција“.

Ивана Туфекџиќ, парламентарка од СДСМ истакнува: „Земјата се движи напред и тоа е процес кој никој не може да го запре“.