Во текот на минатите две недели царинските службеници спречија обид за криумчарење на околу 2 килограми марихуана.

На 07.09.2018 година, околу 22.30 часот, на граничниот премин Табановце автопат,  мобилните царински тимови селектирале за контрола македонски автобус кој сообраќал на релација Македонија – Швајцарија, пријавен за излез од Република Македонија.

При контрола на багажниот простор, извршена со помош на царинско куче, била лоцирана сомнителна патна торба, по што биле замолени сите патници да излезат од автобусот и да си го земат сопствениот багаж. Поради тоа што ниту еден од патниците не се пријавил како сопственик на сомнителната торба, биле прегледани снимките од автобуската станица во Тетово, од кои било утврдено дека еден од патниците, македонски државјанин, заедно со уште едно непознато лице ја ставиле торбата во багажникот на автобусот. При прегледот на торбата биле пронајдени две најлонски кеси со непозната зеленкаста растителна материја со вкупна маса од 2.200 грама. При тестирање на материјата, тестерот за дрога покажал присуство на опојна дрога марихуана.

Целиот случај е предаден на Секторот за контрола и  истраги, кој, против лицето поднесе кривична пријава за сомневање за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Покрај тоа, во текот на минатите две недели, царинските службеници открија 6 илегални мигранти и спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  делови за возила, алат, возило со бункер, облека, обувки, модни додатоци и фалсификати.

Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за нелегално преминување на границата на странски државјани. На ден 06.09.2018 година, за излез од државата се пријавил српски камион управуван од српски државјанин, натоварен со разни производи од Грција. Возачот пријавил дека сајлата на камионот е оштетена, најверојатно додека одмарал во близина на граничниот премин Богородица, по што било пристапено кон детална контрола на товарот. Притоа, во предниот дел на приколката биле пронајдени 6 лица без патни исправи, кои според нивните изјави биле пакистански и авганистански државјани. Илегалните мигранти биле предадени на полициските службеници од граничниот премин, за понатамошна постапка.