Припадници на грчката полиција вечерва се судирја со група анархисти во атинската населба Ексархија, каде пред 10 години беше убиен младиот Алексис Григоропулос. Анархистите кон полицијата фрлија дестици молотови коктели и друга пиротехника, на што полицајците одговорија со солзавец и со водени топови.


Анархистите поставија блокада на една од улиците во Ексархија од запалени контејнери со смет, со цел да го спречат пристапот на полицијата, а опожарен е и најмалку еден автомобил. За разбивање на барикадите полицијата употреби водени топови, на што анархистите возвратија со нови молотиви коктели и пиротехника.


Пред вечерашните немири во Ексархија, која важи за собиралиште на анархистите, доцна попладнeво се одржаа мирни протести во центарот на Атина по повод 10-годишнината од убиството на Григоропулос.


Во нив учествуваа претежно млади лица, членови на студентски, левичарски и анархистички организации и здруженија кои организраа протестен марш кој заврши пред грчкиот Парламент. Дел од слоганите што ги извикуваа учесниците на протестот беа против полицијата и полициското насилство.

На 6 декември 2008, 15-годишниот Алексис Григоропулос, беше застрелан од полицаец во атинската населба Ексархија. Полицаецот е осуден на доживотна затворска казна.