Кога радарите под Акропол ќе ги фатат зборовите „Македонци“, „Македонци во Грција“, „македонски јазик“, потоа во Атина веднаш се пали алармот. Така беше и овој пат – кога македонскиот премиер Зоран Заев во Собранието зборуваше за македонско малцинство во Грција, кое сега има можност, согласно Преспанскиот договор, да го учи мајчиниот македонски јазик во училиштата, реакцијата беше жестока.
Кога се во прашање националните прашања, а „македонското прашање“ е едно од приоритетните, покрај да речеме „кипарското“, кај грчките политичари нема импровизации и тие дејствуваат со однапред утврдена стратегија. Нив не ги интересира дали Заев уште не се извежбал во употребата на новата терминологија која се наметнува со Преспанскиот договор. Нив ги интересира да се почитува тоа што се договорило, се потпишало и како тие тоа го читаат. Нашето читање засега испаѓа дека е погрешно.
Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос јавно кажа дека нема да се толерира своеволно читање на договорот за името. Затоа, како што објавуваат грчки медиуми, тој се обратил до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до американски претставници на администрацијата при што ги информирал дека Договорот нема да се ратификува во грчкиот парламент ако со него се дефинира македонска нација, а јазикот да биде назначен за – словенски.
Весникот „Естиа“ објавува дека премиерот Алексис Ципрас ќе се обрати до ОН со барање да се вметне дополнителен протокол кој ќе го интерпретира Преспанскиот договор, со намера да не се остави отворен прозор по прашањето за јазикот и нацијата. Протоколот, според весникот, ќе се вклучи во Договорот како посебен, но составен дел на Договорот. Овој процес го води советникот на грчкиот премиер, Евангелос Калпадакис.
За ова засега не се зборува јавно во Македонија, и не се знае дали македонската дипломатија ќе има своја реакција. Во секој случај, како што сега стојат работите, во моментов на барање на Атина, се чека со свои толкувања за Договорот да се изјаснат и НАТО и САД, при што нема дилеми дека и од двете места ќе дојдат координирани одговори.
Comments are closed for this post.