Тринаесет лица се осомничени за вклученост во престрелката пред казино во Тетово во петокот вечерта. За двајца осомничени, кои при инцидентот користеле автоматско оружје, поведена е истражна постапка за сторено кривично дело – Предизвикување општа опасност, како и за кривично дело Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Едниот од овие двајца осомничени е во бегство и не е достапен на органите на прогонот.
Истражна постапка се спроведува и против три други лица за сторено кривично дело предизвикување општа опасност и за кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство на РМ, за останатите осум пријавени лица за кои постои сомнение дека биле инволвирани во инцидентот ќе биде поведена скратена постапка за сторено кривично дело – предизвикување општа опасност.
На петмина од осомничените определен им е мерка притвор во траење од 30 дена
Настанот се случи на 30 ноември пред казино во Тетово, кога четворица осомничени вработени во агенција за обезбедување од една страна и останатите осомничени од друга страна дошле во конфликт заради изгубени пари во казиното во износ од 3.600 евра од еден од осомничените. Притоа со автоматски пушки и пиштоли, предизвикале значителна опасност по животот и телото на луѓето и тоа на место каде што биле собрани поголем број луѓе, се вели во соопштението од ЈОРМ.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Тетово доставил Предлог за определување мерка притвор за петтемина осомничени за кои беше донесена Наредба за спроведување истражна постапка. Од страна на судијата на претходна постапка ваквиот предлог беше прифатен и на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена. За осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Comments are closed for this post.