Вицепремиер, министер и бугарски европарламентарец се наводните одговорни лица за продажбата на бугарски пасоши на странци, тврди дојавувач кој обезбедил цел пакет документи со кои се докажува обвинувањето.

„Еурактив“ денес објавува дека станува збор за вицепремиерот Красимир Каракачанов, поранешната министерка за правда, а сега за надворешни работи, Екатерина Захариева, и пратеникот во Европскиот парламент, Андреј Ковачев (од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов). Ова се лицата од највисоките политички врвови обвинети за раководење со измамата преку која илјадници странци се стекнале со бугарски пасоши за кои давале кеш, а тоа на луѓето им овозможило да патуваат без визи во ЕУ, тврди „свиркачот“.

Според Еурактив, „свиркачот“ е Катја Матева, поранешен директор во Советот за државјанства, тело кое учествува во донесувањето одлуки за издавање бугарски државјанства на странци. Матева добила отказ од Захариева во 2016 година откако таа одбила да учествува во измамничкиот ринг.

Каракачанов, Захариева и Ковачев, контактирани од Еурактив за коментар, како што тврди сајтот со седиште во Брисел и е близок до работата на Европската комисија, биле „изненадени“ од обвинувањата.

Државната агенција за Бугарите во странство е вовлечена во голем скандал по откритијата дека издавала лажни потврди за бугарско потекло, документ потребен за да се добие бугарско државјанство.

Скандалот со „кеш за пасоши“ може да ја собори владата на Бојко Борисов, која и онака има проблеми на внатрешен план. Инаку, директорот на Агенцијата, Петар Харалмпиев беше уапсен под обвинение дека е дел од организираната криминална група. Харалмпиев бил назначен на предлог на ВМРО на Каракачанов.

Истрагата во Агенцијата открила дека во сеф, кој му припаѓал на Владимир Томов, е откриен кеш во износ од 285.000 евра. На 26 ноември Борисов на општо изненадување објави дека Агенцијата, надлежна за издавање пасоши, ќе биде затворена со аргумент дека таа работа можат да ја вршат Министерството за правда или за внатрешни работи.

Матева за „Еурактив“ тврди дека главен извор на финансии на ВМРО се од шемата „кеш за пасоши“ и тоа, кога таа работела, главно од Македонци, кои аплицирале за пасоши. Таа на бугарското обвинителство му рекла дека Каракачанов добивал меѓу 550 и 1.500 евра за секој пасош доделен на Македонец, а дневно имало по 150-200 кандидати. Матева тврди дека кога работела блокирала 7.000 молби за пасоши од Македонци, по што Каракачанов, тогаш како лидер на ВМРО, притснал кај министерката за правда Захариева таа да биде отстранета од работа и да ги одблокира молбите. Каракачанов, пак, бил под силен притисок од Македонците, кои дале мито за пасоши, па се заканиле со земање на парите назад. Захариева, како што тврди дојавувачката, давала отпор, но тоа било се до 3 јуни 2016 година кога Андреј Ковачев со една невладина организација организирал средба во Македонија. Потоа Матева летнала од работното место.

 

„Еурактив“ пишува дека Матева своите докази ги доставила до обвинителството, но е нејасно зошто Захариева, Каракачанов и Ковачев не биле предмет на истрага.

Инаку, Захариева тврдењата на Матева ги нарече „изненадување“ истакнувајќи дека таа како нејзин претпоставен секогаш и давала „целосна поддршка“.

Поранешниот бугарски амбасадор, Велизар Енчев, изјави за „Еурактив“ дека испратил писма со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, до комесарот за внатрешни прашања, Димитрис Аврамопулос, и до комесарката за правда, Вера Јурова, на кои им изнел детаљи за измамата и побарал акција од извршното тело во Брисел.