Фудбалската репрезентација на Македонија го доживеа и третиот пораз во третото коло од Лигата на нации. Во Б-дивизијата, во Групата 1, Шкотска ја совлада Македонија во Скопје со 2-0.
Кризата во националниот тим по дуелот со Шкотска дополнително се продлабочи. Гостите доминираа во текот на целиот натпревар и постојано вршеа притисок кон голот на Столе Димитриевски. Македонскиот голман имаше неколку одлични интервенции со кои спречи уште поубедлив пораз и повторно беше меѓу најдобрите во македонскиот состав.

Македонија под водство на Гоце Седлоски нема победа на последните седум натпревари, а во тој период не успеа ниту да постигне гол. Вкупно, националниот тим е без победа на 11 последователни натпревари. Последниот триумф е остварен на 5 септември минатата година, додека Македонија нема постигнато гол веќе 697 минути.
Селдоски се одлучи за формација со тројца фудбалери во последната линија, крилни бекови, тројца играчи во средниот ред и двајца напаѓачи.
И Шкотска настапи во истата формација, но кај гостите таа функционираше многу подобро. Шкотите од самиот почеток наметнаа висок ритам и постојано притискаа. Само Енди Робертсон во првите 13 минути трипати се закани со удари од далечина.
Во седмата минута Киран Боуви упати прецизен удар од околу 20 метри и ја погоди мрежата за водство на Шкотска.
Голот дополнително ја зголеми агресивноста на гостите, а Селдоски веќе во 30. минута направи двојна замена. Од игра излегоа Ерера и Станковски, а на нивно место влегоа Џеков и Атанасов.
Замените не донесоа посакуван пресврт во играта, а до крајот на првото полувреме и двајцата нововлезени фудбалери добија жолти картони.
Вториот дел продолжи во истото темпо. Судијата Летисије во два наврати проверуваше ВАР. При првата ситуација Македонија се спаси од пенал по дуелот меѓу Гаштаров и Доак, но во втората ситуација одлуката беше поинаква.
Во 70. минута беше досуден пенал за Шкотска, а играчот на Астон Вила, Џон Мекгин, рутински го реализираше за 2-0.
Надежта дека Македонија може да стигне барем до почесен гол се појави во 83. минута, кога Шкотска остана со десетмина по директниот црвен картон на Мекена по грубиот старт врз Елези.
Сепак, ниту играчката предност не донесе промена на резултатот. До крајот Македонија не успеа да создаде посериозна шанса, па Шкотска заслужено ги освои трите бода.
По три одиграни кола во Групата 1, Македонија е без освоен бод и се наоѓа во тешка позиција во борбата за опстанок во Б-дивизијата. Лидер е Швајцарија со девет бода, додека Шкотска и Словенија имаат по четири.







Comments are closed for this post.