Формирање на посебен тим и отворена линија, каде граѓаните ќе може да пријават доколку во некои од институциите им е побарано мито или некој свесно го одолговлекува она што по закон и процедура им припаѓа, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Како што појасни, по пријавата од граѓаните, истражните органи ќе ги контактираат и сите тие „девијантни однесувања во рамките на институциите ќе се намалат, а сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.

 

Мицкоски порача дека не треба да се прави естрада од криминалот, зошто не е ништо посебно ако државата го спроведува редот и законите, но дека врз основа на информациите што го добива како прв човек на Владата, институциите полека, но сигурно влегуваат во трага на „она што е работено во изминатите седум години“.

Перцепцијата денес, нагласи Мицкоски, е дека сме криминална држава и затоа оваа борба „од септември само ќе биде засилена“ и ќе трае се додека оние за кои постојат цврсти докази дека сториле криминал ќе бидат соочени со лицето на правдата.

– Верувам во пресумпцијата на невиност и никој не е виновен додека не биде докажано спротивното, но за сите оние за кои постојат основани сомневања за сторен криминал и цврсти докази, сите тие ќе бидат спроведени и тука нема политичка партија, изјави Мицкоски на гостување на телевизија Алфа.

Посочи дека ова се однесува за сите избрани и именувани лица, без разлика дали се од претходната или од оваа влада доколку се огрешиле пред законот.

– Многу случаи и досиеја во моментов се анализираат и тоа се на поранешни вршители на високи функции. Но, да се разбереме, ова не треба да биде перцепирано како политичка хајка и тоа ќе важи и за оние сега именувани, од оваа влада. Ако се погрешат пред законот, јас гарантирам кој и да е ќе одговара. Ако било кој од нив биде пријавен и постои основано сомневање, да знаете дека ќе биде без милосрдно, порача Мицкоски.