Премиерот Димитар Ковачевски одново посочи дека во Македонија и надвор од неа, има сили со ист извор, кои се обидуваат да го забават напредокот на државата кон ЕУ. Тој не посочи за кого станува збор, но рече дека нивната тактика е тоа да го прават преку лаги за македонскиот идентитет.
-Некои сили внатре во државата, но и надвор од државата, со ист извор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на нашата држава и европската иднина на нашите деца. Тоа го прават со лаги, злоупотреби за најчувствителната точка – македонскиот идентитет. Со тоа нанесуваат огромна штета, токму на нашите идентитетски определби, додаде Ковачевски.
На одбележувањето на 70 години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков, премиерот Ковачевски посочи дека македонскиот јазик е прифатен и до ЕУ благодарение на владините политики.
-Македонскиот јазик беше оспоруван во политичкиот свет. Тоа го знаел и Мисирков, кога книгата ‘За македонцките работи’ ја поставил на пет поглавја и во нив покрај за создавањето на современиот македонски јазик, зборува за политичките и културните предуслови за формирањето на македонска нација. Минатата година со почнувањето на преговорите со ЕУ, ставивме крај на внимателните политички формулации дека зборуваме јазик на Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски. Македонскиот јазик денес е официјален јазик во ЕУ. Првиот договор со ЕУ веќе е потпишан на чист македонски јазик, рече Ковачевски.
Додаде дека македонскиот јазик е научна, книжевна и политичка реалност во Македонија и светот.
Comments are closed for this post.