Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска на прес конференција во Струга, на Преспа форумот рече дека имале време за преговори со опозицијата за да гласа за уставните измени, до првото гласање во Собранието. Сепак, роковите течат.
– Ние работиме на две паралелни патеки, со опозицијата во целина и посебно со пратениците. До денот на пленарната седница кога ќе има прво гласање, отворени се опциите да има договор со опозоцијата по однос на уставните измени, вклучувајчи го и планот од три точки кој го предложив вчера. Јас се надевам дека во следниот период од Влада до Собрание ќе и биде препратен предлогот на уставната комисија и ќе почнат да течат роковите за да се дојде до првото гласање. До тој момент имаме шанси за договор со опозицијата, рече Османи.
Според Османи, Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција.
– Да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска Влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Тој Акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата. И се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови по однос на подеднакви права на сите граѓани независно од етничката припадност, истакна Османи.
Тој потсети дека во Преговарачката рамка се и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, во генералниот дел, каде се проценуваат добрососедските односи, а не во делот на патоказите.
Османи се надева на зајакнување на дијалогот со Бугарија и оти односите ќе бидат конструктивни.
– Се надеваме дека ќе изградиме односи, во кои добрата волја ќе го води процесот, во кои ќе создадеме разбирање еден за друг, почит еден за друг и дека двете страни нема да бидеме со калкулатор в рака и да проценуваме, кој што направил од договорите. Јас се надевам на таков однос со Бугарија, рече Османи.
Шефот на дипломатијата изјави и дека со новата бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел договориле мошне брзо да имаат средба во Скопје или во Софија. (МИА)
Comments are closed for this post.