Министерот за внатрешни работи и потенцијален кандидат на власта за претседателските избори, што треба да се одржат догодина, Оливер Спасовски, денеска си ја подви опашката пред неговиот колега, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Непосреден повод за тоа беше забраната за влез во Република Македонија на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на 6 мај годинава.
Звучи просто неверојатно, но во рок од само три дена двете министерства, МВР и МНР, излегоа со крајно спротивставени ставови за еден ист настан, ставајќи ги во преден план неконзистентноста на власта и тоа кој е кој во Владата, односно кој го раководи владиниот оркестар и кој е прва, а кој втора виолина во него. И тука некако не помогнаа „мадињата“, демек „храброста“ при носењето одлуки на премиерот намесник Димитар Ковачевски.
-Денеска околу 11 часот, на граничниот премин Ново Село, поради неисполнување на услов ите за влез во Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Бугарија. Македонската полиција нема да дозволи сега, нити во иднина никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територијата на државата, соопшти на 6 мај МВР.
Во денешното соопштение на МНР, пак, се вели нешто сосема друго.
-На 6 мај, на граничниот премин Ново Село,поради неисполнување на условите за влез
во Република С.Македонија,согласно законот за странци, не бил дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија.Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.
Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините
граѓани е добредојден во Македонија, објаснија од Министерството.
Ако МВР имало сознанија само за сопатниците на Ковачев, тогаш зошто самиот премин не му било кажано дека тој може да влезе во Македонија, но не и неговите пидружници?! И воопшто, можно ли е воопшто МВР да направи ваков превид?!
Апсолутно не!
Едноставно недозволиво е министерот Спасовски секојдневно да не бомбардира со своите успеси, а истовремено да не постои координација меѓу него и граничните служби. Па сега, исто како со издавањето македонски пасоши на белосветски криминалци ќе биде виновен некој полициски службеник на граничниот премин Ново Село, а не тој што е најодговорен за одбраната на јавниот ред и мир и заштитата на државата и граѓаните од навреди и омаловажувања!
Крајно наивно делува, пак, образложението, на МНР дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев не ги омаловажувал граѓаните и државата Република Македонија и само така, случајно бил жртва на своите сопатници. Напротив, реакцијата следува откако случувањата со Ковачев се најдоа на дневен ред на Европскиот парламент, неговата изјава дека очекува извинување и опасноста од ново бугарско вето.
Ова дотолку повеќе што Ковачев во денешното интервју за Факти.бг директно ги обвини премиерот Ковачевски и министерот Спасовски, ставајќи ја притоа суштината на недоразбирањата меѓу двете држави и двата народа, а тоа одново е толкувањето на историјата.
-Многупати, можеби и десетици пати, дури и во македонските медиуми сум кажал дека човеково право е секој жив човек да се дефинира како Германец, како Бугарин, како Белгиец, како етнички Македонец. Секој човек има право да го именува својот јазик, да го користи како што сака во денешното модерно време. Но, по истата логика, луѓето во С.Македонија немаат право да го менуваат идентитетот и јазикот на починатите луѓе. Овде големата разлика е што толкувањето на историјата за нив е некаков спор, што води до дискриминација, до говор на омраза. Ако нивното МВР смета, на пример, дека тоа што Гоце Делчев, Дамјан Груев или браќата Миладиновци се етнички Бугари, откако тие самите се дефинирале како такви врз основа на сите историски податоци, претставува навреда за современите граѓани на Република С.Македонија, тогаш имаме огромен проблем. Имаме проблем што над 99% од бугарските граѓани нема да можат да патуваат во Република С.Македонија, бидејќи тешко дека некој пред да оди таму ќе изјави дека го смета Гоце Делчев за Македонец. Работите одат во апсурдна насока, изјави меѓу другото Ковачев.
И сега, историјата е или не е услов за напредокот на Македонија во преговорите за членство во ЕУ!?
Comments are closed for this post.