Каква историографска еквилибристика сака јавно и заткулисно да ни прикажува и демонстрира Драги Ѓоргиев, „македонски“ историчар, политички измеќар, бескрупулозен конформист и копретсадавач на заедничаката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, што се потпишува со титулата академик?
Ова е клучното прашање, што се наметнува по последниот настап на Ѓоргиев во „Топ тема“, во кој со невидена леснотија се обиде да не „проштепува“, особено околу последното преостанато, но клучно прашање од периодот на средниот век со бугарските колеги, Охридската архиепископија.
За него, очигледно, не важат предупредувањата да ги тргне рацете на страна и да не чепка таму каде што не треба. Не заради тоа што Македонците се протнуваат таму каде што тој „штепува“, туку поради фактот што со својот милозвучен глас сакаше, така наивно да „продаде“ еден од основните темели на македонската историја, народ и држава! Срам и блам!
-Нашето инсистирање овде е да се нагласи улогата на таа институција во развојот на христијанството, во негувањето на христијанската култура, во културното наследство, во областа на уметноста, на архитектурата, на писменоста која ја остава таа институција. И за нас тоа е многу поважно за самите деца, отколку да се навраќаме на некакви политички моменти од историјата на таа институција и мислам дека тука ги приближивме ставовите, изјави меѓу другото Ѓоргиев додавајќи дека клучните разлики со бугарската страна се во наследството што го оставила Охридската архиепископија, но и тие е можно наскоро да бидат надминати.
Според него, нашите „државни“ историчари јасно ставиле до знаење дека „за нас важноста на оваа институција е културно-историско, во сферата на уметноста, на културата, а не да бараме политички моменти од наследството на таа институција“.
Чудо! И тоа невидено! На политички формирана комисија, со политички до сега донесени одлуки на барање на политички мотивирани бугарски историски баракуди, одеднаш и станува важно да не бара политички моменти од наследството на Охридската архиепископија!
Па затоа само, така, си разговараат и „преговараат“ за тоа како да се толкуваат и како да се претставуваат текстовите за Охридската архиепископија во македонските учебници и од нив да учат македонските деца. Патем, божем Ѓоргиев го штител и со ништо не го ограничувал македонскиот национален историографски наратив!? Шупелки едни!
А, дали и како е застапено толкувањто за потеклото на Охридската архипископија во методските единици на бугарските учебници за кои Ѓоргиев јавно изрази задоволство дека ги усогласил ставовите? Таму повеќе од сигурно би стоело бугарското потекло на ОА. Може ли Ѓоргиев да им го забрани тоа?
Дали македонските членови од заедничката им Комисија, на чело со Ѓоргиев, се свесни дека на тој начин директно ги дистанцираат новите и веќе потврдени достигнувања на стручните и научните истражувања од македонските академски и научни авторитети и институции за местото и улогата на Охридската архиепископија во македонскиот духовен и културноисториски идентитет?
Дали се свесни дека преку образовниот процес и учебниците помладата македонска популација ќе треба да ги изучува само сервираните „компромиси“ со бугарската хегемонистичка црковна и културна историја?!
И што тогаш ќе им остане на македонските академски и научни експерти од таа област, кои се многу постручни со познавањата од сервилниот дилетантизам и конформизам на членовите во Комисијата? Ќе им преостане само да си пишуваат монографии и научни прилози што ќе се прогласуваат за доволно некомпромисни за од нив да учат македонските деца! Идиотизам без преседан.
Ајде да го прашаме јавно и отворено Ѓоргиев – чуму македонска историографија, македонски академски и научни истражувања и македонски национални институции ако резултатите од истражувањата не ќе смеат да допираат до образованието на младите Македончиња?
Особено е со голема доза на дилентатизам и на политичко измеќарување изјавата на копретседателот Драги Ѓоргиев дека, ете на повидок бил успехот веројатно да успеат да се усогласат со бугарската „страна“ да се испушти делот за потеклото на Охридската архиепископија. Па дали е свесен дека тоа ќе значи подмолно да се прикрива од македонските ученици како Охридската архиепископија е дел од македонскиот црковноисториски континуитет?!
Ако Василиј втори на секој стоти војник од Самоиловата војска му оставал по едно око за да може да се вратат назад на сопствената земја, сега Ѓоргиев и компанија сакаат на Македончињата и на младите Македонци да им ги „ископаат“ по двете очи и никому да не му остават ниту по едно. Сакаат целосно да ги ослепат!!!
Да се разбереме. Тука не станува збор за веронаука, или за одвоеност на црквата од државата. Едноставно не е дозволено методолошки да се лимитира педагошкото поучување на младите Македонци дека нивната христијанска духовна и културна традиција директно се напојува од континуитетот на Охридската архиепископија.
Во тој случај, како да им се разјаснат содржините од учебниците на македонските ученици кога во јавниот живот во Македонија секојдневно ќе се среќаваат со вистината дека помесната Македонска православна црква во која се крштевале нивните дедовци и татковци го има духовното наследство од Охридската архиепископија!
Зарем поради компромисите на македонските историски еквилибристи од Комисијата нема да им се скратува правото на наставниците да им ја потврдуваат историската вистина на учениците, па и дали слепо ќе треба само да ги препрочитуваат и да ги прераскажуваат „компромисните“ содржини од „европските“ учебници по кројот на еквилибристот Драги Ѓоргиев?!
Но, и актуелните подготвувани компромисни конструкции за историјата на Охридската архиепископија не треба многу да не изненадуваат, зашто многу јасно тие се само последица од трговијата со заедничките чествувања на св. Кирил и Методиј, св.Климент и Наум Охридски, како и на цар Самоил.
Директно и индиректно сите овие историски личности се двигатели на проникнувањето и на развојот на Охридската архиепископија. Патем, мора да се напомене дека Охридската архиепископија во ниту еден историски период не била помесна/титуларна црква на бугарско владетелство.
Ајде да му поставиме уште едно јавно прашање на Д. Ѓоргиев. Зарем во композитот на името на Македонската православна црква не е содржана и дополнителната атрибуција Охридска архиепископија?
Тогаш со кое право се тврди дека политикантската бугарско-македонска Комисија не навлегувала во ингеренциите на прашањето за статусот на МПЦ-ОА кога преговарала или разговарала за „заедничката црковна историја“ на Охридската архиепископија?!
Дури и одважно се оди во само за нив конструиран противнапад, демек сите досегашни предупредувања од најкомпетентните познавачи на црковната историја во Македонија едноставно – или доволно не биле информирани за што се зборува во Комисијата, или дека биле злонамерни, деструктивни и националистички позиционирани или, пак, евентуално смета дека се ослепени?!
Ете и во оваа пригода уште еднаш ќе потсетиме на предупредувањето од проф. д-р Илија Велев, наш еминентен медиевист и византолог, дадено на 4 декември минатата година за тоа колку штетно би се одразиле врз статусот на МПЦ-ОА евентуалните компромистички договарања со бугарската страна за Охридската архиепископија.
–Прво, покренувањето политички мотивиран диктат во мултидисциплинарната македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања за евентуалната „заедничка македонско-бугарска црковна историја“ на Охридската архиепископија во македонските учебници директно поттикнуваат отворање контроверзи, кои осмислено би требало да го проблематизираат духовното и црковното наслеследство на МПЦ од историскиот контекст на Охридската архиепископија.
И второ, не треба да се запостави и фактот дека хегемонистичките притисоци од страна на бугарскиот дел на Комисијата да и се надополни уште и бугарски историски контекст на Охридската архиепископија во македонските учебници и во црковноисторискиот наратив, би требало да „предизвика“ и евентуални канонски компликации во актуелните процеси за приклучувањето на МПЦ-ОА во единството на сеправославната екумена.
Велат дека умните учат од туѓи, а будалите од сопствени грешки. Во кои спаѓа еквилибристот Драги Ѓоргиев?
П.С. Драги Ѓоргиев во истото интервју потенцира дека нема сериозни поместувања во дебатата околу Гоце Делчев и оти Комисијата не е таа, што треба да го реши неговиот идентитет. Ако ова е точно, тогаш истото треба да важи и за Охридската архиепископија. За тие две работи едноставно не треба ни да се дискутира.
Comments are closed for this post.