„Б’лгарио, Б’лгарио, шчаслива си сега, во теб се, во теб се всичките…“.
Е, што сега, очекувате да прочитате една вулгарност, што се римува со песната, па оние Жаре и Петрит и целата булумента бугарски здруженија да ме черечат за говор на омраза!? Ааа, не, тоа нема да им го дозволам. Чисто за да не се изживуваат со мене и редакцијата или да ме/не етикетираат како некаков антиевропски, антибугарски, или државен непријател кому му „нема спас“. Или, скраја да е, во ова време невреме да ме/не прогласат за проруски елемент.
Во „Б’лгариа се всичките блага“.
Да, Бугарија е стара држава со историја, традиција, култура и богата дипломатија, која знае како да им се одолжи на своите пријатели. Па, така, претседателот Румен Радев неодамна одлучи да ја одликува француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин, со орденот Медарски коњаник од прв ред, како награда за нејзините големи заслуги за зајакнување и развој на бугарско-француските односи, но и за нејзиниот придонес во заштитата на бугарската историја. Се разбира, ова последното како составен дел од францускиот предлог, што нашите политички кленови го лапнаа како слатка дудинка.
Ама, тоа не е фер. Зашто, прифаќајќи ги целосно бугарските барања, ордени од Радев заслужуваат и премиерот Димитар Ковачевски, и претседателот Стево Пендаровски, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои себе си се сметаат за државници или мисионери. За останатата ситна боранија од пратеници-партиски послушници на партиите од власта, СДСМ и ДУИ, и не мора. Тие можат да уживаат во својата ароганција на лажен елитизам со сина аристократска крв или со давање дијагнози за Демир Хисар на опозициските колеги и нивните избирачи.
Навистина не ги знам имињата на бугарските одликувања, ама сигурно може да се најдат соодветни. На пример, Радев може на Таче да му додели орден за заслуги за придонес во формирањето втора бугарска држава, на Стево орден за придонес за остварување на територијалниот сон за Санстефанска Бугарија, а на Османи орден посебен придонес за конечна победа над македонизмот.
И така среќни и задоволни сите тројца заеднички да му испратат покана на последниот бугарски цар Симеон Саксобурготски и поранешен премиер на Република Бугарија да ја посети Република Македонија.
А, за тоа има и повод и причина. Зашто, неговиот потпис стои зад иницијативите за отворање на два културни клуба на т.н. македонски Бугари во Охрид и во Богданци. Едниот со назив „Цар Борис Трети“, а вториот „Цар Фердинанд“. Првиот негов татко, а другиот дедо.
Нормално, на ова се надоврзува и соодветен пречек. Ист како на татко му Цар Борис Трети обединителот при неговите посети за време на Втората светска војна. Та, нели, сега Симеон Саксобурготски ќе има улога на нов бугарски обединител.
„Мојата војска е прогерманска, мојата сопруга е Италијанка, мојот народ е проруски. Јас сум единствениот пробугарин во оваа земја“, е само една од антологиските изјави на Цар Борис Трети од времето кога бил поделена личност и повеќе прикриено, отколку отворено го прифаќал германскиот нацизам и италијански фашизам. Втората негова длабока мисла е „Секогаш со Германија, никогаш против Русија“. И за неа, неговиот син Симон Саксобурготски во интервју за полскиот дневен весник „Жечпосполита“ од март годинава, што го пренесе Факти.бг (22 март 2022 година) ќе рече:„Никој не ја видел напишана, но сите велат дека било така. Има смисла!“.
Навистина има смисла. Зашто, Симеон Саксобурготски во интервјуто прави нејзина реминисценција, па ја прилагодува на новонастанатата политичка ситуација-„Секогаш со Европската Унија, никогаш против Русија“. Која целосно се отсликува во актуелната политика на претседателот Румен Радев, кој во бугарските, па и во странските медиуми го добива епитетот на „мало Путинче“.
Крајно индикативно е што токму во времето кога Симеон Саксобурготски ја извршуваше премиерската функција во Бугарија се случија две значајни работи за Република Македонија. Првата е што тогаш се формира ГЕРБ на Бојко Борисов, кој го создаде „проблемот“ со Македонија и втората, што БАН, политичарите и невладиниот бугарски сектор ја подготвија доктрината за „Бугарската политика кон Република Македонија“.
Премиерот Димитар Ковачевски застана на чело на тимот за спроведување на образовните реформи. Во духот на „добрососедството и пријателството“ со Бугарија може да отиде и чекор понатаму. Па, во недостаток на поранешната пионерска организација кај основците да покрене иницијатива за формирање на нова, веќе позната на овие простори како „Браник“. „Браник“, младинска патриотска организација, била формирана на 29 декември 1940 година и постои до 10 октомври 1944. Нејзина главна парола била „Борис, Б,лгарија, Бог“.
Истата организација суштествувала и во Македонија. Ако се погледнат личните досиеја водени од поранешната УДБ-а, членството во неа било неизбежно евидентирано, па дури било е претекст за припадност на фашистичка организација. А, има сведочења дека оние млади момчиња, кои за време на војната повикувале да не се членува во неа, биле изложувани на малтретирање од страна на бугарските учители. Некои од нив за казна биле принудувани со часови да стојат на коленици врз ситни камчиња!
Имајќи ја предвид интенцијата и злата намера на т.н. македонски Бугари за формирање клубови и здруженија со имиња на наци-фашистички соработници, „добро би им легнал“ и еден со парола „Борис, Б,лгарија, Бог“, нели?!
И додека кај нас се спроведува бугарска политичка реокупација, а власта глуми немоќ, во европските земји се преземаат конкретни чекори за спречување на повампирувањто на наци-фашизмот. Австрија, на пример, планира да направи промени во своето законодавство за да избегне идни спорови, откако на почетокот на годинава нејзин војник, кој облекол нацистичка униформа и отпоздравил со нацистичкиот поздрав, со крената десна рака свртена малку кон десно, бил казнет, но не и отстранет од службата.
Подофицерот (36 години) бил условно казнет на 10 месеци и му била наложена глоба. Австриската влада вчера соопшти дека во иднина секоја слична осуда за изразување симпатии кон нцизмот, треба автоматски да значи и отстранување од државната служба.
-Секоја форма на величење на националсоцијализмот е недозволив напад против нашето демократско општество. Треба да има нулта толерантност, напиша на Твитер австриската министерка за правосудство, Алма Задич.
Така е во една Австрија. А, кај нас? Добро, додуша тука не станува збор за војник, кој носел нацистичка униформа и поздравувал со карактеристичниот нацистички поздрав. Ама, зарем треба да чекаме да дојдеме до тоа?!
Comments are closed for this post.