Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното онлајн вклучување од Брисел, во „Студио 10“ на ТВ24, изјави дека важно е и опозицијата да биде вклучена во преговорите и дека верува дека има во ВМРО – ДПМНЕ и пратеници и политичари кои ја сфаќаат тежината на овој процес, кои сфаќаат дека овој процес е неповторлив и дека не треба сами да се закочиме себе по прифаќањето на францускиот предлог, односно по земањето на обврската за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот.
-Јавно го повикувам Александар Николоски како претседател на Националниот совет за европска интеграција да седнеме и да разговараме на кој начин тоа тело, а со тоа и опозицијата ќе има улога во овој процес. Ние во текот на скринингот ќе треба да утврдиме преговарачки позиции, тоа значи дека треба да се обврземе за колку време можеме некои работи да ги прифатиме и да ги исполниме. Во тоа има улога и Собранието, рече Маричиќ.
Според вицепремиерот Маричиќ содржински тоа не би требало да биде проблем бидејќи тоа го имаат кажано неколку политичари од ВМРО – ДПМНЕ, дека не е проблем содржински да се внесат Бугарите во Уставот бидејќи нашиот Устав познава повеќе заедници, признавање на повеќе заедници со сите нивни права.
Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ мисли дека консензусот за наше членство во ЕУ треба да се обнови и дека не би било фер кон граѓаните да се блокираме самите себе, ниту пак кон државата бидејќи и онака доволно чекавме, доволно бевме блокирани и имавме пречки досега.
-Ние се боревме како Влада да оствариме две битни цели. Едната е да си ја оствариме нашата надворешна политичка цел за членство во ЕУ, да не остане таа само на хартија и само во теорија. Втората е да си го заштитиме нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик. Јас сметам дека тоа е возможно. Дека ние може да влеземе во ЕУ во догледно време како Македонци кои говорат македонски јазик. Ако тоа го сфатиме и работиме на таа кауза и како политички партии и како поединци и како медиуми и општествени чинители можеме да го постигнеме сето тоа. Ова е задача на целото општество, порача Маричиќ во „Студио10“.
Comments are closed for this post.