Иако Владата е избрана уште од јануари годинава, досега јавноста немаше информации за тоа колку изнесуваат платите на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот министерски тим.
Се досега на веб страницата на Владата можеа да се видат старите показатели, за платите на експремиерот Зоран Заев и претходниот министерски состав, а од Владата велеа дека работат на ажурирање на сајтот и дека многу бргу ќе бидат објавени новите бројки.
Сега податоците се конечно ажурирани, па јавноста има прилика да види за колкави месечни надоместоци работи владиниот кабинет што тие го избрале.
Па така, од веб страната на Владата може да се дознае дека премиерот Димитар Ковачевски зема плата од вкупно 88.260 денари, при што основицата е 78.896 денари, додека, пак, за минат труд претседателот на Владата добива 9.364 денари. Неговиот стаж, односно години поминати на работа, изнесува 23 години.
Оваа плата е само малку повисока од онаа на експремиерот Зоран Заев, кој според претходно објавените податоци од Владата земаше 87.913 денари, при што тогаш кога бил објавен овој податок, а тоа е декември 2020 година, поранешниот премиер имал стаж од 22 години.
Веднаш после Ковачевски, според висината на примањата следува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој има месечни примања од 86.324 денари, а неговиот стаж е 21 година. Притоа, и од самата Влада напоменуваат дека на министерот за внатрешни работи му се утврдува зголемување за 20 отсто на платата утврдена за извршување на функцијата. Додатокот на плата се исплаќа согласно решение од 2017 година, објасниле од Владата.
Првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, има плата од 70.478 денари, со работен стаж од 16 години.
Славица Грковска, пак, заменик на премиерот и задолжена за политики за добро владеење, што претходно беше вицепремиер за борба против корупцијата, а сега е сменета, на своето конто месечно како плата добива 73.045 денари, со стаж од 24 години, а нејзиниот колега Фатмир Битиќи, кој е вицепремиер за економски прашања и координација на економски ресори и инвестиции, добива месечен надоместок од 71.762 денари, а неговиот работен стаж е 2о години. Уште еден вицепремиер, Бојан Маричиќ, кој е заменик на претседателот на Владата за европски прашања, месечно е платен со 69.197 денари, бидејќи има работен стаж од само 12 години.
Од поголемите плати во новиот состав на Владата се истакнува онаа на министерот за правда, Никола Тупанчевски, кој земе плата од 76.252 денари, а неговиот работен стаж е најдолг и тој изнесува 34 години.
Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, има плата од 72.083 денари, при што нејзиниот стаж е 21 година.
Другите министри земаат плати од околу 66 до 71 илјади денари, зависно од годините кои ги поминале на работа.
Најниска плата зема министерот за животна средина, Насер Нуредини, и тоа 65.989 денари. Тој има стаж од само две години, бидејќи дојде од странство и тогаш го започна својот работен ангажман во земјава.
Од Владата велат дека како дел од заложбите за поголема дигитална транспарентност, на нивната веб страница јавноста може да ги провери висините на платите на Претседателот на Владата, Замениците на Претседателот на Владата и на министрите во Владата.
Comments are closed for this post.