Денеска во Собранието со 32 гласови „За“ и 55 гласови „Против“ не беше прифатен предлогот на пратениците за по скратена постапка да се донесе Законот за изменување на Законот за Влада, односно укинување на Пржинската Влада.
Имено, со предлогот за изменување на законот за Владата се тргаат одредбите кои се однесуваат на начинот на функционирање на владата, или т.н. Пржинска влада.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на Пржинската влада која се формира 100 дена пред парламентарни избори го образложи координаторот Никола Мицевски, според кого, ваквото решение е нефункционално.
„Нефункционалноста на актуелното законско решение имавме можност да ја видиме во повеќе наврати. Очекувам поддршка за бришење на овие одредби од законот, а истите можеме да ги дискутираме во текот на постапката“, изјави Мицевски.
Со изјава се јави и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска и рече дека СДСМ со гласањето против укинувањето на таканаречената Пржинска влада повторно го покажал на дело своето лицемерие.
„Иако во јавноста се изјаснуваа дека се согласуваат за укинување на Пржинската влада, денес на еден кукавички начин повторно избегаа од избори. Ние сме свесни дека СДСМ направи сѐ за што подолго да остане на власт бидејќи знаат дека на наредните парламентарни избори ќе бидат казнети од граѓаните за своите штетни политики“, изјави Лашкоска.
Comments are closed for this post.