По три парламентарни избори годинава, Бугарија конечно доби политичка Влада. Пратениците во бугарскиот парламент вчера го изгласаа Кирил Петков за нов премиер на Бугарија, по што ја одобрија министрската листа и со тоа ставија крај на повеќемесечната политичка криза во земјата.
Четириесет и едногодишниот Петков е на чело на партијата Промените продолжуваат (ПП), која на третите избори овој ноември доби најмногу гласови. Тој ќе ја предводи досега невидената коалиција со социјалистите (Социјалистичка партија), антиестаблишментот ИТН (Има таков народ) и централнодесничарската партија Демократска Бугарија, под мотото „нулта толеранција за корупцијата“.
– Ќе инсистирам на разоткривање на корупцијата од најниските до највисоките нивоа, рече Петков во парламентот пред гласањето, повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат законските измени потребни за реформи во судството.
По тричасовната дебата, Народното собрание на Бугарија вчера, во три последователни гласања го одобри Кирил Петков за премиер, ја усвои структурата и составот на Советот на министри. Во сите три гласања „за“ гласаа 134 од вкупно 238 пратеници.
Пратениците од ГЕРБ-СДС, Движењето за права и слободи и „Преродба“ гласаа „против“ новата бугарска Влада.
Со гласањето, Бугарија ја доби својата прва редовна влада по завршувањето на децениското владеење на премиерот Бојко Борисов во април, кога се повлече поради гневот на јавноста поради големото ниво на корупција во таа земја. Новата администрација ја презема функцијата по осум месеци политичка криза и две преодни влади.
Борисов поднесе оставка во април откако го загуби мнозинството во парламентот по неколкумесечните антикорупциски протести против него и неговата партија. Ова доведе до политички ќор-сокак што резултираше со три парламентарни избори оваа година. Изборите во април и јули не доведоа до влада поради несогласувања меѓу политичките партии за новиот кабинет, што значење привремена администрација за најсиромашната земја во ЕУ.
Владата на новиот премиер ја сочинуваат противници на поранешниот премиер Борисов, а Петков ветува дека ќе го зголеми економскиот раст на повеќе од 5 проценти годишно и ќе работи на намалување на заостанувањето на земјата зад Западот.
Го очекуваат предизвици, почнувајќи од високите трошоци за енергија и ниската вакцинација против Ковид-19 до подготовките за воведување на еврото во 2024 година.
Петков вети дека ќе ја продлабочи интеграцијата на Бугарија во ЕУ и НАТО и ќе ги интензивира разговорите со соседна северна Македонија за да се реши спорот поради кој Софија ја блокираше земјата да ги отвори преговорите за членство во ЕУ, откако го реши спорот со Грција.
По положувањето свечена заклетва, Петков изјави дека кога првата задача ќе му биде да се запознае со состојбата со поплавите во југозападна Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.
Тој, исто така, кажа дека меѓу првите задачи по презмеањето на функцијата ќе биде и средбата со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, за изградбата на интерконекторот и гасната врска меѓу двете соседни земји. -Ние мора да работиме заедно со Северна Македонија, но Бугарија нема да го промени ставот за „Планот од пет точки“, рече Петков.
Претседателот Румен Радев денеска во претседателството ја собра преодната влада на Бугарија, предводена од Стефан Јанев, и и’ се заблагодари за работата во изминатите три месеци.
Comments are closed for this post.