Веб-страната на софиски „Труд“ денеска објавува шокантен текст насловен како „Петтата војна за Македонија е во тек-ни чекор назад“! Автор на текстот е извесен Симеон Костадинов.
Во подолгата анализа авторот ја отсликува моментната состојба во односите меѓу Бугарија и Македонија и меѓу другото прави разлика меѓу либералните и национал-шовинистичките ставови во бугарското општество околу решавањето на произлезените проблеми, иако и негов заклучок е дека од национален интерес за официјална Софија е Македонија да ги започне преговорите и да стане земја-членка на ЕУ.
Но, клучното прашање за авторот и за медиумот е како да се дојде до тоа? Притоа, како појдовна точка се зема делото „За војната“ на втемелувачот на класичната политичка теорија на војната, Карл фон Клаузевиц!
Потсетувајќи дека во 20 век Бугарија водела 4 војни за Македонија, „давајќи близу 250.000 жртви“, авторот заклучува дека, „за жал, тие не го дале очекуваниот резултат, а од трите дела (Пирински, Вардарски и Егејски) на географскиот регион Македонија“, Бугарија успеала „да го задржи само најмалиот-Пиринскиот“. Па, во продолжение, авторот меѓу другото пишува:
„Денес Бугарија води отворена политичка и дипломатска војна околу прашањето за историската вистина за Македонија. Да, оружјето моментно молчи, но официјалната позиција на нашата држава не е поместена ни за јота од времето на војните за обединување-Македонија е нугарска земја!
Зошто е важно да победиме во таа војна, наметнувајќи го сопствениот историски наратив? Зашто, тоа не е војна за минатото, туку за политичката иднина и припаѓањето на географскиот регион Вардарска Македонија на чија територија денес се наоѓа апсурдната држава творба Република Северна Македонија“.
Во продолжение авторот потсетува на досегашните политички настани во Македонија и предвидува мрачно сценарио за „повторно ставање на Македонија на геополитичката маса“ за нејзина нова поделба од која, според одредени сценарија дел ќе добие и Бугарија, а според други-не. Оттука, на бугарската политичка класа авторот и препорачува „да сфати дека моментот е судбоносен, а шансите историски„, зашто „залогот е ни помалку, ни повеќе, туку зачувување на шансите за идно одново обединување со нашите браќа од Повардарието во единствена држава под името Бугарија“.
-Затоа, да е јасно-секој компромис со македонизмот, секоја отстапка од веќе објавените државни позиции ќе биде рамно на капитулација и национално предавство! Петтата војна за Македонија е во тек-ниту чекор назад!, заклучува авторот.
Comments are closed for this post.