Државниот врв е оптимистичен дека по завршување на изборите во Бугарија и во нашата држава, постојат добри шанси за изнаоѓање на заедничко решение меѓу двете земји. Премиерот Зоран Заев смета дека само со разговор и дијалог може да се изнајдат решенија, а според претседателот Стево Пендаровски, тоа треба да е усогласено со Договорот за пријателство и соработка. Претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан пак, се очекува да биде мотивација за затворање на отворените теми и отворање на ново поглавје на соработка.

Според премиерот Заев, по завршување на изборите кај нас и во Бугарија, постојат добри шанси за изнаоѓање на заедничко решение.

– Тие да не разберат нам, ние да ги разбереме нив и верувам дека низ едни такви разговори, низ дијалог, низ убава дипломатија, низ пријателство и подадена рака ќе го потврдуваме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија кое е означено со Договорот од 2017 година, но во пракса исто така тоа мораме да го гледаме секојдневно кај нас, потенцираше вчера Заев.

 

Слично размислување има и претседателот Стево Пендаровски, кој во вчерашното интервју за грчкиот весник „То Вима“ порача дека ќе продолжат да дејствуваат конструктивно во разговорите со официјална Софија.

Тој се надева дека по бугарските избори ќе ги продолжат разговорите со новоизбраниот претседател и со политичка Влада, односно со целосна власт што ќе има мнозинство во Парламентот.

Сепак, порача дека решението треба да биде усогласено со Договорот за пријателство и соработка.

-Решението на преговорите на Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство и соработка на двете земји и да го почитува правото на самоопределување на нашата нација, како и националниот идентитет и македонскиот јазик, порача Пендаровски