Државната изборна комисија денеска на седница со жрепка го утврди распоредот на кандидатите на гласачкото ливче за избори за градоначалници и членови на советите на општините и на Град Скопје.
1. Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ)
2. Движење „Одлучно за промени“ (ЛДП и ДОМ)
3. Демократска унија за интеграција (ДУИ)
4. Коалиција „Сите заедно“ – ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива
5. Алијанса за Албанците
6. Алијанса за Албанците и Алтернатива
7. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“
8. Демократска партија на Турците на Македонија
9. СДСМ
10. Алтернатива
11.Демократска партија на Албанците (ДПА)
12.Коалиција „Најдобро за мојата општина“ предводена од СДСМ
13 Партија за движење на Турците во Македонија (ПДТ)
14.ВМРО Народна партија
15.Левица
16.Движење БЕСА
Поради ситуацијата поврзана со пандемијата со Ковид-19, седницата на која се одржа жрепката се одржа без присуство на овластените претставници на политичките партии, коалициите и групите избирачи.
Во рамки на седницата се одржа и жрепка за доделувањето локации на рекламни паноа и билборди за политичко рекламирање.
Членовите на ДИК ги разгледаа и усвоија: записниците од 22. и 23. седница, политиката за воспоставување систем на заштита на личните податоци, правилник за избор и формирање посебни избирачки одбори.
Радица Ристеска,член на ДИК во врска со правилникот за избор и формирање посебни избирачки одбори рече дека тие се од од посебно значење за лицата кои ќе бидат пријавени за гласање претходниот ден пред денот определен за избори, значи 16 октомври за лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 или на кои им е одредена мерка за самоизолација со решение на ДСЗИ во зависност од нивниот број ДИК формира еден или повеќе избирачки одбори.
-Посебните избирачки одбори се составени од тројца здравствени работници, претседател и членови кои го спроведуваат гласањето на овие лица при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот одбор согласно одредби од Изборниот законик, рече Ристеска.
ДИК ги разгледа и усвои и упатството за пријавување и гласање на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена самоизолација.
Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху во врска со тоа упатство рече дека граѓаните кои се со позитивен тест или се во самоизолација треба да достават известување до општинските изборни комисии преку полномошник или електронски до општинската изборна комисија најдоцна пет дена пред денот определен за гласање.
– Полномошното лице кое поднесува известување за гласањето на овие лица треба да гласи само на член од потесното семејство, а тие кои немаат член од потесното семејство имаат право да даваат полномошно на друго лице кое може да поднесе известување за гласање најмногу за две лица. Тој кој еднаш се пријавил како полномошник не може уште еднаш да поднесе полномошно од друго лице. При електронското поднесување меил адреса може да се поднесе за најмногу две лица. Во самото пријавување до општинската изборна комисија се поднесува само известување, а комисијата по служвена должност прибавува податоци од ДСЗИ за лицата клои се пријавиле за гласање. ДСЗИ во рок од 24 часа треба до општинските изборни комисии да достави известување дали навистина тие лица се со позитивен тест или се во самоизолација, истакна Шеху.
ДИК на денешната седница ги усвои: правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, правилникот за определување на обврските и одговорностите на администраторот на информацискиот систем и овластените лица во ДИК, правилникот за начинот на правење сигурносна копија, архивирање и чување и повторно враќање на зачувани лични податоци во ДИК, правилник за начинот на уништување на документите и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во ДИК, правилник за пријавување, реакција и санирање на инциденти во ДИК, упатството на општинските изборни комисии и изборната комисија на Град Скопје за обезбедување, чување, ракување и дистрибуција на изборниот материјал, образец број 18в, 18г, 18д, 31б, 31в, 31г, 31д, 19г, 19д, 20п, 20ф и 22, упатството за начинот и постапката на утврдување на просечно постигната цена и најниска цена за платено политичко рекламирање.
Comments are closed for this post.