Бензинот, храната, кириите, посетата на локалните крчми-сето тоа за Германците станува се поскапо. Официјалната статистика покажува дека животот во Германија видливо поскапел. Во споредба со минатата година, енергијата поскапела за цели 12,6%, а храната за 4,6 отсто. Исто така, растат и кириите и цените на услугите, пишува бугарската редакција на Дојче веле.
Причини и последици
Според Федералната статистичка служба, во текот на август, инфлацијата во државата достигнала 3,9%, што е највисока во Германија во последните 25 години. Во текот на далечната 1993 година била измерена инфлација од 4,3%, но некои набљудувачи моментно очекуваат до крајот на годината да биде достигната границата од критичните 5 проценти. Растот на инфлацијата тие го објаснуваат со неколку фактори-најмногу со пандемијата, со растот на цените на енергенсите и со привременото намалување ДДВ-то за време на пандемијата, со цел да се поттикне потрошувачката.
Високата инфлација ја подјадува како куповната моќ на граѓаните, така и нивните заштеди. Меѓутоа, за хиперинфлација воопшто не може да се говори, зашто хиперинфлација има тогаш кога цените растат 50% месечно. Германија имала многу трауматично искуство со хиперинфлацијата во текот 20-тите години на минатиот век, кога економијата пропадана, луѓето масовно осиромашуваа, а тоа во крајна линија го донесе Хитлер на власт.
На светско ниво, инфлацијата најмногу се должи на пандемијата, која тешко ја погоди економијата во целиот свет. Повеќето експерти тврдат дека со завршувањето на пандемијата, инфлацијата ќе се врати во своите нормални граници.
-Растот на инфлацијата ќе биде привремена појава, смета Кристине Фолк, главен економист на државната инвестициона банка KfW.
Економистите посочуваат дека инфлација од околу 2 отсто на годишно ниво е нормална појава, а опасноста почнува ако таа надмине 5 проценти. Притое се потсетува дека инфлацијата има и еден позитивен ефект за националната економија-таа ја девалвира валутата и го стимулира извозот, зашто извозните стоки поевтинуваат. Освен тоа, таа им помага на кредитните обврзници, зашто во пракса нивниот долг се намалува.
Германците поседуваат над 9.000 тони злато
Меѓутоа, во услови на привремена инфлација се намалуваат и заштедите, па затоа луѓето купуваат злато. Само во првото полугодие на 2021 година, Германците купиле цели 90 тони злато, што претставува рекорд за последните 12 години. А, и онака Германците се европски шампиони во купување злато-близу 60% од златото, што се купува во Европа, легнува на сметките на граѓаните на Германија. Моментно голем број граѓани стравуваат дека милијардите, што банките и државите ги потрошија во борбата против пандемијата, ќе им ги обезвреднат нивните пари и затоа инвестираат во злато.
Во меѓувреме, Германците натрупале огромно богатство во злато-во своите банкарски сефови и по домовите тие чуваат над 9.000 тони злато, што е речиси трипати повеќе од златото што го поседува Бундесбанк.
Comments are closed for this post.