Претседателот на Србија Александар Вучиќ, денеска и утре е во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот на Македонија Зоран Заев и премиерот на Албанија Еди Рама, во рамки на иницијативата за соработка позната како „мини Шенген “.

За време на престојот во Скопје, Вучиќ ќе учествува со премиерите Заев и Рама на Економскиот форум за регионална соработка организиран од Стопанските комори на Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија. Вучиќ минатата недела соопшти дека на регионалниот економски форум во Скопје ќе биде променето името на иницијативата „мини Шенген“, дека ќе бидат потпишани три договори и дека на граничните премини ќе се направат „брзи ленти“ за побрзо поминување на луѓето од регионот.

„Работевме на три документи и верувам дека ќе ги потпишеме во Скопје, тие се важни документи за трговија, работни дозволи и заемна поддршка во случај на пожари, поплави и други катастрофи, што е во интерес на нашите народи“, изјави Вучиќ.

Скопскиот форум за регионална соработка на Западен Балкан ќе обедини компании од Србија, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и други регионални и европски економии, како и претставници на влади, финансиски институции, универзитети и меѓународни делегации и здруженија. Меѓу 300 и 400 учесници се очекува да имаат билатерални Б2Б состаноци.

Повеќето компании доаѓаат од градежништвото, земјоделско-прехранбениот сектор, енергетиката, машинеријата, автомобилската и текстилната индустрија, туризмот, ИКТ и телекомуникациите, транспортот и логистиката …

Според Развојната агенција на Србија, Вучиќ, Рама и Заев ќе претстават политичка и економска визија на интегриран регион. Планирани се и бројни средби на бизнисмени од регионот, кои ќе се одржат по официјалниот дел на Форумот.

Ќе учествуваат речиси 400 компании од регионот. Повеќето од нив, над 200, аплицирале од Србија, потоа повеќе од 100 од Северна Македонија, од Албанија околу 40, од ​​БиХ десетина и помал број или по една компанија од Австрија, Тајван, Израел, Полска, Романија, Бугарија, Франција и Грција