Не барам милост и амнестија, барам правда за осудените за 27-ми април, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој денеска имаше средба со претседателот на Македонија Стево Пендаровски.
Во изјава по средбата, Мицкоски истакна дека во едночасивниот разговор со Пендаровски разговарале за политичката и економска состојба во Македонија, како и за настаните од 27-ми април 2017-та година.
Од она кое што можам да го извлечам како заклучок би рекол ете наидов на разбирање од страна на претседателот Пендаровски. А, ќе започнам со настаните од 27-ми април 2017-тата година е следното, она кое што е реалност поврзано со тој случај е дека основното човеково и уставно загарантирано право на жалба, и второстепена судска одлука на лицата кои што се осудени поради настаните од 27-ми април во моментов е завршена и за жал најголем дел од нив се уште ја немаат истата таа одлука добиено, за да можат понатаму да ја искористат вонреден правен лек односно да можат понатаму врз основа на новите докази кои што според моите информации ги имаат адвокатските тимови на овие лица да ги достават до Врховниот суд или пак до Европскиот суд за човекови права. Зошто го споменувам тоа? За тоа што Апелациониот суд има донесено одлука таму некаде февруари или втори месец, а денеска сме веќе еве мај или петти месец, се уште тие ја немаат добиено таа одлука. И за тоа апелирам до политичарите да се држат настрана односно да ги тргнат рацете од судството и обвинителството. И доколку политичарите, а тука пред се мислам на врвот на власта да ги тргнат рацете од судиите и обвинителите и да престанат да дивеат тогаш мислам дека најголемиот дел од обвинителите и судиите ќе обвинуваат и ќе судат согласно словото на Законот и согласно би рекол Уставот, изјави Мицкоски по средбата.
Понатаму тој додаде:
Понатаму, за кое што го споменав Европскиот суд за човекови права сакам да потенцирам на неколку факти и тоа имаме осудено лице кое што е школувано и обучено да ги штити интересите на државата и уставниот поредок на државата, на самиот почеток на овој судски процес тоа осудено лице му е практично доставено решение од страна на судија за мерка, а тоа значи куќен притвор и за само два дена истата таа мерка на ова осудено лице е преиначена на самиот почеток од судскиот процес во затворска практично затворски притвор по жалба на обвинителството која што жалба е веднаш прифатена од страна на судиите. А, без притоа бранителот на тоа лице да биде информирано, за што постои случај пред Европскиот суд за човекови права и истиот е прифатен и веќе три години тој процес тече и се очекува пресуда во корист на ова осудено лице, а за жал би рекол грешката и дивеењето врз судиите и обвинителите ќе треба да го плаќаат сите граѓани . И така очекувам постапки да има во периодот кој што следи, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ пред јавноста постави една дилема која што исто така ја поставил и пред претседателот Пендаровски, а тоа е терористичко загрозување на уставниот поредок по непостапување.
Што би значело тоа? Тоа би значело дека еве пример еден да земеме, вие сите да тргнете со мене физички да се пресметувате нормално, да ме нападнете физички, а јас тука да се бранам во рамките на моите можности, еве а овие господа од овдека од МВР или МО да не постапуваат, и истите потоа да бидат обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување и осудени на 15 односно 18 години. Ете, такви имаме случаи кои што се терористи ама не постапиле како терористи и истите се осудени за 15 односно 18 години затвор. И конечно последно кое што сакам да го кажам, а го кажав и пред претседателот Пендаровски, а тоа е дека ние не бараме амнестија, не бараме милост, туку бараме правда за осудените лица. А, правдата практично и еден од овие осудени лица ја побара при завршни зборови кога завршуваше овој судски процес пред судијата и му се обрати дека почитуван судија јас сум направил грешка, сум погрешил да, но не можам да бидам обвинет и осуден за тероризам, да можеби сум направил грешка и сум ги прекршил законите и судете ме за тоа што сум ги прекршил законите, а не за тоа што сум терорист, бидејќи не сум терорист, јас ја сакам мојата држава, јас го сакам овој народ, и никогаш нема да бидам терорист кој што ќе направи нарушување на Уставниот поредок и терористичко однесување, рече Мицкоски.
Тој дополни дека за жал имаме политичари кои што нарачуваат и имаме судии кои што испорачуваат, денеска тој судија е судија во уставниот суд.
Така што она кое што го барам јас и кое што го кажав на средба не е милост, не е амнестија, туку правда, а правда преку дополнителни докази кои што бранителите на овие лица ќе можат да ги достават до Врховниот суд или до Европскиот суд за човекови права, откако ќе ја добијат второстепената пресуда.
Тоа е она кое што ние го бараме. И истото тоа што го имаа можност и тие кои што беа обвинети и осудени за „Сопот“ случајот и тие кои што беа обвинети и осудени за „Монструм“ случајот. Во едниот случај имавме ослободителна пресуда, а во другиот случај имавме пресуда која што беше потврдена после првото судење на овие лица. Тоа е суштината практично која што јас ја барам, врз основа на овие докази да има судски процес во кој што никако овие луѓе можат да бидат обвинети и не постои основа да бидат обвинети за терористичко однесување односно терористички напад би рекол на Уставниот поредок на државата и да бидат прогласени за терористи, изјави Мицкоски.
Мицкоски информираше дека тоа бил првиот дел од разговорот. Понатаму се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во државата.
Тука пред се мислам на растечкото ниво и загрижувачката состојба со криминалот и корупцијата. Ние сме најкорумпираната држава на Балканот и во Европа, која што ја води владата за која што постои перцепција дека е најкорумпираната влада на Балканот и во Европа.
Понатаму зборувавме за неколку стратешки проекти како што е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, за проектот за така наречениот Клинички центар, потоа инвестирањето на Македонија кај нашиот јужен сосед во нова гасна централа.
Тоа беа крупните теми за кои разговаравме, и се договоривме на овој состанок да одржуваме контакт и понатаму да разговараме на крупни теми кои значат иднина и за Македонија како држава но и за граѓаните на Македонија, заврши Мицкоски.
Comments are closed for this post.