По „Софагејт“, сега е Урсула фон дер Лајен на жешкото столче, соочено со прашања во врска со дипломатскиот протокол.
Дипломатите велат дека претседателката на Европската комисија очигледно ја прекршила конвенцијата со тоа што шефот на нејзиниот кабинет, Бјорн Зајберт, одговорил на официјалната покана од украинскиот претседател Володимир Зеленскиј. Откритието доаѓа во време на дебата за соодветна дипломатска постапка по минатонеделниот таканаречен скандал „Софагејт“ во Анкара, во кој Фон дер Лајен беше оставена да седи на кауч, додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел седеа на државнички столови.
Зеленски ѝ напишал на Фон дер Лајен да ја покани во Киев да присуствува на прославата на 30-годишнината на украинската независност, како и на првиот состанок на самитот на „Кримската платформа“, чија цел е да се покаже поддршка за украинскиот суверенитет на полуостровот кој Русија го анектира во 2014 година.
Но, во потег што предизвика вознемиреност меѓу дипломатите на ЕУ, Зајберт испрати одговор на писмото со свој потпис да ја одбие поканата и да изрази жалење од Фон дер Лајен, наместо тоа да го направи лично претседателот на Комисијата, како што е вообичаен протокол.
Одбивањето на таквата покана може да предизвика сомневања во врска со посветеноста на Фон дер Лајен за демонстрација на поддршка за Украина во време кога Русија трупа најголем број војници на својата граница од 2014 година.
Причината дадена за одбивањето на поканата – презафатена агенда – покрена прашања и кај дипломатите и претставниците, со оглед на тоа што настаните во Киев се закажани за 23 и 24 август, време кога Брисел и институциите на ЕУ речиси не работат поради летните одмори .
„За жал, претседателот не е во можност да даде позитивен одговор на вашата покана поради особено тешката агенда во деновите за кои станува збор“, напиша Зајберт во писмото, датирано од 7 април. „Однапред ви благодарам за разбирањето“.
Главниот портпарол на Комисијата, Ерик Мамер, одби да го коментира писмото. „Немаме коментар за преписката меѓу Комисијата и властите на трети земји“, рече тој.
Отфрлањето на поканата на Зеленски, исто така, ги истакнува различните пристапи кон надворешната политика помеѓу Фон дер Лајен и другиот врвен претставник на ЕУ, претседателот на Европскиот совет Мишел.
Мишел за првпат беше поканет на настаните од Зеленски за време на официјалната посета на Украина минатиот месец, каде Мишел отиде на контактната линија на окупираните територии. Мишел веднаш се заложи дека ќе даде сѐ од себе за да присуствува и рече дека ќе ги преуреди своите планови за летен одмор доколку има потреба, според официјални претставници на ЕУ.
„Важно е да се покаже поддршка за Украина, особено во овој момент“, рече еден официјален претставник на ЕУ, осврнувајќи се на неодамнешното собирање на руски трупи. „Му требаме на Зеленски“.
Во своето писмо, Зајберт напиша: „Претседателката Фон дер Лајен ме замоли да ги пренесам нејзините најдобри желби за успешен самит и честитки до вас и народот на Украина за оваа значајна годишнина“. (Политико)
Comments are closed for this post.