Со присуство на принцот Чарлс, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, премиерот на Русија Михаил Мишустин и министерката за одбрана на Франција Флоренс Парли , но без публика поради пандемијата, в четврток во Атина ќе се одржи воената парада за одбележување на 200 години од востанието за независност на Грција од Отоманското царство, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека се финализираат подготовките за прославата на 25 март, на воената парада, за прв пат ќе учествуваат и претставници на „сојузничките земји“, а заедно со грчките авиони, ќе летаат и американски Ф-16 и француски Рафале.
Високите гости се очекува да пристигнат ден порано, односно во среда, да одржат одвоени средби со грчкиот премиер, да го посетат реновираниот и модернизиран комплекс на Националната галерија, а претседателката на Грција ќе приреди и официјална вечера во нивна чест.
Поради ситуацијата со пандемијата во Франција, претседателот Емануел Макрон ја откажа посетата, а земјата ќе ја претставува министерката за одбрана.
Граѓаните, парадата ќе ја следат на телевизија, а според грчките медиуми, Атина ќе биде под драконски безбедносни мерки.
Comments are closed for this post.