Албанија ги доби првите 10 000 дози од руската вакцина „спутник В“, кои се донација од Обединетите Арапски Емирати.

На меѓународниот аеродром во Тирана пратката ја пречекаа министерката за здравство Огерта Манастирлиу и министерот за обнова Арбен Ахметај, кои најавија дека се очекуваат повеќе дози преку преговори, кои се во тек за, како што рекоа, да се олесни туристичката сезона.

По предлог на владата, парламентот во Тирана пред неколку дена даде зелено светло за употреба на руските и кинеските вакцини во земјата.

Со денеска пристигнатите, Албанија досега има обезбедено над 90 илјади вакцини, од нив над 38 илјади од „Астра Зенека“, додека другите се од „Фајзер“. Досега се вакцинирани околу 47 илјади лица, здравствен работници, лица над 80 години и просветни работници.

Европската агенција ЕМА најави дека следниот месец ќе испрати тим во Москва кој треба да ги анализира податоците за руската вакцина, која според некои извори би можела да биде одобрена во ЕУ во мај.