Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денеска изјави дека пописот би се одложил само ако Комисијата за заразни болести процени дека не е безбедно тој да се спроведува.
Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради Ковид-от е Комисијата за заразни болести, ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука, изјави Симовски за телевизија Канал 5.
Тој вели дека процедура е таква и оти Комисијата одлучува за тоа, па Државниот завод за статистика (ДСЗ) во тој дел не може ништо да влијае.
– Ако даде препорака, оди во процедура, на Кризниот штаб, па на Влада. Меѓутоа за да ние евентуално одложиме треба на крајот да се промени и Законот, што значи измена на законското решение, а тоа е огромна процедура, оценува Симовски.
Вели дека ДЗС ја следи целата ситуација и евентуално ако Комисијата донесе препорака и таа се процесуира, тие ќе ги почитуваат сите тие работи, но во моментот Заводот не може, а ниту има овластување да оценува што било и да бара какво било одложување.
Во меѓувреме, официјална Фејсбук страница за претстојниот Попис 2021 во Република Македонија, објави дека се шират дезинформации оти во домаќинствата ќе влегуваат тројца или четворица попишувачи.
– Ја молиме јавноста да не наседнува на овие провокации кои се надеваме се поради непознавање на Методологијата за спроведување на #Попис2021. Имено, во секое домаќинство попишувањето ќе го прави 1 (еден) попишувач.
Comments are closed for this post.