Хотелите „Радика“, „Бистра“, „Спорт“, „Лоџ“ и “„Алпине“ лоцирани во во Маврово се само дел од оние што директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, констатирал Државниот инспекторат за животна средина.
По претставка на граѓани, инспекторите спровеле интензивен надзор, при што откриле и дека девет правни субјекти на територијата на Националниот парк не поседуваат елаборат за заштита на животната средина.
„Досега се спроведени инспекции во 18 објекти и утврдено е дека 9 не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина. Хотелите ‘Радика’, ‘Бистра’, ‘Спорт’, ‘Лоџ’ и ‘Алпине’ директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика. Помали погони, како на пример ‘Еуро Едил’, ‘Новитет’ и ‘Техно блок’, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување“, стои во соопштението на Инспекторатот.
Сите тие се задолжени најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.
До крајот на март ќе се изврши надзор за да се види дали тоа е направено, најавија од Инспекторатот.
Comments are closed for this post.