Нема да има традиционална македонска свадба. Јасно им е и на младоженците. Да ни се дадат ригорозни протоколи според кои ќе работиме. Од шест до осум гости да седат на иста маса, тоа ќе бидат луѓе од иста фамилија. Наше лице ќе ги смести на маса, ќе бидат со маски, единствено ќе ги симнуваат маските кога ќе вечераат или одат до тоалет. Бендот ќе свири на пет метри од првата маса, ќе има средства за дезинфекција на секоја маса – ова се протоколите за организирање на свадби и семејни веселби кои ги побара од Владата угостителот Перица Голомеиќ, еден од организаторите на протестот, во разговор за ТВ21.
Протестот на угостителите, на кој ќе му се приклучат и останати лица од свадбарската индустрија, како музичари, фотографи, сопственици на цвеќари и салони за венчаници и декорирање, започна во 14 часот, а ќе трае до 17 часот. Блокирана е раскрсницата на булеварот Александар Македонски во населбата Автокоманда.
Инаку угостителите бараат итно укинување на забраната за секаков вид на настани во отворен и затворен дел од угостителските објекти, односно бараат државата да донесе протоколи со кои ќе можат да се прават свадби, крштевки, родендени…
Најавени се протести и на 22-ри и 23-ти февруари.
И музичарите ја даваат својата поддршка на Туристичко – угостителската комора. Велат дека речиси цела година едвај врзуваат крај со крај и сакаат чесно да работат и заработуваат.
Сепак, околу предложените протоколи, сватовите или гостите на веселбите да седат со маски и да ги симнуваат само додека вечераат, да не стануваат и играат, да немаат близок контакт, околу тоа, како тоа би било изводливо, немаат прецизен одговор.
Comments are closed for this post.