Македонија остана единствената земја во регионот што нема започнато вакцинација против КОВИД-19. Македонија чека на нарачката од „Фајзер“, на ветените вакцини преку „Ковакс“ системот, и кинеските вакцини за кои министерот за здравство, Венко Филипче вчера потпиша договор.
Унгарија, членка и на ЕУ и НАТО, повикувајќи се токму на неспособноста на бриселската администрација, меѓу првите европски земји набави вакцини од Кина и Русија и почна со вакцинацијата на своите граѓани. Истото го направи и Србија чии граѓани денес одбираат со која вакцина сакаат да се вакцинираат – „Фајзер“, „Спутник V“ или „Синофарм“. Дури и овие денови Германија најави дека преговара за набавка, а и за производство на руската вакцина.
Додека Европа е растрчана на сите страни и моли за вакцини против КОВИД-19, властите во Македонија спијат. Министерот за здравство Венко Филипче секој ден пред граѓаните водеше политика и даваше официјални изјави од типот „сакаме да одиме на западни вакцини за да покажеме каде припаѓаме како држава и првично ја исклучи можноста за преговори со Русите и Кинезите“, и затоа државата остана меѓу последните во редот.
Според последните податоци на Блумберг која ги објави Србија има – 437.000 вакцини, Романија – 672.000, Грција – 269.000, Словенија – 75.000, Хрватска – 80.000, Бугарија – 41.000 и Албанија – 662 вакцини.
Министерот за здравство Венко Филипче чекајќи ги ветените вакцини од ЕУ, Грција, Бугарија, Полска, ги одби вакцините кои ги понуди Русија како помош за граѓаните.
„Уште на почетокот на есента и понудивме на македонската Влада да се воспостави контакт со Рускиот фонд за директни инвестиции и да се преговара за можноста за набавка на руска вакцина. Министерот за здравство, Венко Филипче, не информираше дека лице за контакт за ова прашање ќе биде професорката Александра Грозданова, шеф на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство.На професорката Грозданова и беа дадени сите потребни податоци за контакт, исто така и беше испратено писмо од претставникот на Рускиот фонд за директни инвестиции, кое, за жал, остана без одговор“, рече Владимир Хрисанфов, економски советник во амбасадата на Руската Федерација во дневникот на Сител во декември месец.
И наместо Македонија да започне вакцинација во декември како другите земји во регионот, сега ќе започне можеби крај на февруари, почеток на март ако пристигнат вакцините од Кина.
„Денеска го потпишав договорот за набавка на кинеската вакцина од производителот „Синофарм“. Обезбедуваме 200 илјади вакцини кои ќе стигнат во февруари, а точниот датум на испораката ќе биде утврден во следните денови. Ја почитуваме одредбата од договорот за тајност, податоците остануваат доверливи. Направивме детален план за процесот на вакцинација во три фази. Сите вакцини се безбедни и сигурни за граѓаните. Со имунизацијата почнуваме овој месец“, напиша вчера министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи.
„Европа бара и руска вакцина, Филипче си игра со граѓаните. Петти февруари 2021 година и државите бројат колку од населението им е вакцинирано, светските лидери трчаат по вакцини.И Бангладеш има вакцини, ама Македонија нема.САД и Канада набавија повеќе од доволно, а државите од ЕУ бараат и земаат од секаде. Филипче и Заев освен што секојдневно лажат за вакцините, а со тоа го загрозуваат јавното здравје, здравјето на секој поединец во државава. Филипче се возеше на „Ковакс“ механизмот кој потфрли. Филипче ја бламираше Македонија на сред Софија молејќи за вакцини кои исто не се на повидок. Филипче очигледно не сакаше да ги слушне ни Кинезите, ни Русите што имаат да понудат кога и какви вакцини можат да понудат. Што мислеа со Заев да тераат геополитика на сметка на здравјето на граѓаните, да тераат себепромоција?!Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел е во посета на Москва. Европски претставник со вака висока функција не бил во посета на Москва повеќе години и замислете според сите најави тема е и руската вакцина Спутник. Што се замислуваат Филипче и Заев? Си играат Европа, европски лидери?Во таа Европа има ред и се грижат за своите граѓани. Кога не знаат дека имаат обврска да се грижат за здравјето на граѓаните ќе одговараат“, напиша на социјалните мрежи пред неколку дена Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.