Уште не стивнаа чувствата и емоциите од контроверзната изјава на министерката за одбрана Радмила Шекеринска околу причините за доцнењето на набавката на вакцините против Ковид-19, а јавноста станува сведок на самоволие на претставници на власта, што остава горчливо чувство на незаштитеност на обичните граѓани. И тоа во најчувствителната област-здравството.
На 28 јануари, гостувајќи во вестите на ТВ Сител, министерката Шекеринска ни даде едно уникатно објаснување зошто веќе повеќе од еден месец во Македонија се доцни со вакцинирањето против корона вирусот, иако тоа се одвива во сите земји од поблиското и подалечното соседство.
-Она што го правевме како држава е да се трудиме да ги добиеме вакцините, без притоа некој да каже дека ние нудиме наше население за тестирање… Оти, вие можете да замислите што ќе се случеше да објавевме пред неколку месеци „еве ќе имаме вакцини, ама кај нас ќе се прават дел од тестовите“… Тоа не го направивме затоа што сакавме да прифатиме практично завршен период на тестирање, изјави тогаш министерката.
Иако и во оваа изјава имаше „луфта“, зашто едно е тестирање на вакцини на луѓе, а нешто сосема друго цел процес на вакцинација со веќе проверени вакцини, сепак „грижата“ на власта за тоа нејзините граѓани да не бидат само обични заморчиња на големите светски фармацевтски гиганти падна на друг испит.
Просто несватливо делува слободата, што си ја земале екс-заменикот министер за здравство и актуелен советник токму за здравство на премиерот Зоран Заев, д-р Гоце Чакароски, и негов колега лекар во битолската болница да и дозволат на не лиценцирана лекарка да изврши царски рез при породувањето на родилка! Што е уште пострашно, за тоа да се молчи повеќе од цела година!
Значи, на првиот ден од 2020 година родилка во битолската болница се нашла во ситуација да биде обично заморче на не лиценцирана лекарка, чиј сопруг, исто така лекар, ја (зло)употребил блискоста со лекар близок до самиот премиер Зоран Заев! Било како заменик-министер, било како советник за здравство.
И кога ќе се обелодени ваков настан, кој може да гарантира дека нешто слично или исто не се случило и порано или нема да се случи и во иднина?! Зарем во најчувствителната област во општеството-здравството-родилки или обични луѓе и граѓани ни стануваат заморчиња на „лекарските елити“ блиски до самиот врв на власта!? Недозволиво, зачудувачки и страшно!
Comments are closed for this post.