Од следната недела, односно од 8. февруари, Австрија ќе ги ублажи епидемиолошките мерки: повтрно ќе бидат отворени продавниците, музеите, галериите и зоолошките градини, но сето ова ќе биде со ограничување на бројот на клиенти и посетители. Се отвораат и училиштата, но само децата со негативен тест за ковид ќе можат да ја следат наставата. Во продавниците граѓаните на Австрија смеат да влегуваат само со маска FFP2, а казната за немање маска се зголемува од 20 (или 50 за повторување) на 90 евра.
Со олабавување на рестриктивните мерки во Австрија се отворат повторно фризерските салони, козметичарските студија и слични економски оператори кои досега беа затворени, но услугите ќе може да ги користат само оние граѓани кои приложат негативен резултат од тестот за Ковид-19 не постар од 48 часа. Полицискиот час останува од 20 до 6 часот наутро, но ќе биде дозволено дружење на две домаќинства до 20 часот.
Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц истакна дека добрата вест е дека ваквите карантински мерки дале добри резултати, но лошата вест според него е што се шири мутираниот вид. Курц предупреди дека во случај на експоненцијално зголемување на бројот на заразени, ќе ги врати ограничувањата.
Австрија има за цел да го намали бројот на заразени под 50 на 100.000 жители за една недела, а моментов имаат 110. Владата во Виена закажа нов состанок за 15 февруари за можно ублажување на мерките кои се однесуваат и на угостителските, спортските и културните активности.
Comments are closed for this post.