Белгиската полиција уапси безмалку 500 учесници на демонстрации во Брисел организирани против ограничувањата наметнати за борба против коронавирусот.

Вкупно 488 лица се уапсени главно во близина на железничките станици во Брисел, изјавил за АФП неименуван портпарол на бриселската полиција, додавајќи дека некои од нив се веќе ослободени.

Полицијата објави на Твитер фотографии од предмети пронајдени кај некои демонстранти, вклучувајќи ножеви, петарди и штитници за уста.

Ова не се предмети за мирен собир, рекле од полицијата потсетувајќи дека собирот не добил дозвола за да се одржи.

Белгиските власти ги зајакнаа епидемиолошките мерки. Тие воведоа полициски час што започнува во 21 часот и забранува влез и излегување од земјата кога тоа не е неопходно.

„Маршот“ на противниците на епидемиолошките мерки на австриската влада, што се одржаа вчера попладне во Виена, завршија со бројни пријави и апсења, а министерот за внатрешни работи Карл Нехамер тврди дека учесниците се обиделе насилно да влезат и во парламентот.

Министерот Нехамер упатил и критика до Партијата за слобода на Австрија (ФПО) за охрабрувањето на демонстрантите.

Според Шефот на виенската полиција, Герхард Пирстел, поднесени се 850 обвиненија, а 10 лица се уапсени.

Инаку полицијата забрани демонстрации против мерките за превенција од коронавирусот за време на викендот, но противниците преку социјалните мрежи повикаа на „марш“ и литии.

Меѓу учесниците на протестниот марш беа повторно неонацисти и десничарски движења, за кои полицијата тврди дека сакаат да го злоупотребат незадоволството на граѓаните против ограничувањата на слободите заради борбата против пандемијата.