Последните настани поврзани со карневалот во Вевчани најдобро ја отсликуваат разликата во однесувањето на една организирана држава и нејзините политички експоненти во одбраната на своите државни и национални интереси од една, и една власт самопоставена во подредена улога, од друга страна. Или, ако сакате, однесувањето на Република Бугарија и Република Македонија и нивните, пред се, министри за надворешни работи.
И сега најдобро се виде дека демарши и протестни ноти се испраќаат и меѓу две пријателски земји или пријатели, па ако сакате и браќа или братучеди.
Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, не мислеше ни секунда преку бугарскиот амбасадор во Скопје да испрати остар вербален демарш за палењето на бугарското знаме во Вевчани.
-По повод медиумските објави за изгорено бугарско знаме во село Вевчани во Република Северна Македонија, му наредив на бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, да ја изрази пред владата на РСМ нашата силна огорченост од тој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во МНР на РСМ, објави бугарската шефица на дипломатијата.
И нормално, нашето МНР го осуди чинот, оценувајќи го како штетен по угледот на државата.
– Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот, туку и нанесува штета на угледот на Република Македонија, беше наведено на фејсбук-профилот МНР.
И до тука нема ништо спорно, зашто чинот навистина е за осуда, колку и да сака некој да најде било какво оправдување дека станува збор за некаков „карневалски перформанс“.
Но, спорно е како нашето МНР во времето на министерувањето на Никола Димитров не виде и не најде „активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи“ кога бугарскиот премиер Бојко Борисов во Сараево го именуваше Стево Пендаровски како „северномакедонски претседател“!?
Тогаш, за потсетување, премиерот Зоран Заев прво изјави дека како држава ќе испратиме протестна нота. А, само некој ден подоцна тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, одговарајќи на новинарско прашање, остро возврати дека на „пријатели не им се испраќа нота“, туку тие проблемите ги решаваат со разговори.
И од оваа временска дистанца единствено може да се заклучи дека отсуството на остра реакција околу употребата на идентитетската придавка македонски./а/о се врати како бумеранг. Не само во работата на мешовитата комисија за прашања од историјата и за учебниците, туку користењето на придавката „северномакедонски/а/о“ стана речиси пракса во бугарските меиуми и кај дел од бугарските политичари. А, штом е ставена на маса, нормално, и кај владејачката бугарска структура.
Тогашниот министер Димитров во 2019 година на прашање на Пресинг ТВ зошто не испраќаат протесна нота на провокацииите рече дека со пријателите требало да се разговара пријателски а не со ноти.
Или, пак, употребата на придавката „северномакедонски/а/о“ наместо македонски,а/о, кај нашата владејачка гарнитура не предизвикува навреда и омаловажување на македонскиот народ и држава? И тоа им е крајната цел?
Сега некој може да забележи дека палењето знаме не е исто со употребата на идентитетската придавка. Може и да не е, но чувствата се исти.
Comments are closed for this post.