Доколку некој нема волја да работи и да ги решава проблемите кои му се дадени во ингеренции од граѓаните на непосредни избори тогаш ќе ги преземеме сите чекори со цел статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО да не биде загрозен, рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во одговор на новинарско прашање за нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот регион и препораката да биде впишан на Листата на светско културно и природно наследство во опасност, објави press24.mk.
Тој најави дека информацијата со препораките ќе биде разгледана деновиве на седница на Влада и на координација на ресорните министерства и локалните самоуправи.
Се согласувам дека не треба да дозволиме да дојде последниот момент, извештајот е испратен, сега го разгледуваме, во комуникација сме и Министерството за култура ќе биде во комункација со УНЕСКО. Ќе постапуваме по препораките, а што значи тоа да постапуваме ќе видите во наредниот период, рече Бочварски.
Тој повтори дека Министерството нема можност да навлегува во ингеренците на општините во постапувањето по дивоградбите, но посочи дека со оглед на важноста на прашањето ќе се разгледаат сите опции.
Посакувам ова да се реши преку меѓусебна координација на сите инстанци. Граѓаните бираат власти на избори, без оглед на тоа дали се локални или централни, за да им служат, доколку властите не ги почитуваат основните препораки секако овде е централната влада да ги преземе сите чекори, но нема да дозволиме загрозување на УНЕСКО, рече Бочварски.
Comments are closed for this post.