Македонија останува на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, взаемно решение за билатералните разлики по различни прашања со Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година, соопштија од Министерството за надворешни работи известувајќи за втората посета на Софија на специјалниот претставник за дијалогот со Бугарија Владо Бучковски.

 

Тој вчера во Софија се сретнал со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со која, како што објавија бугарските медиуми, размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.

– Република Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Овој документ, кој се однесува на сите ресорни министерства, се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот), напиша БГНЕС, во објава за средбата на која се повика на бугарското Министерство за надворешни работи.

По таквата објава шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во телевизиско интервју рече дека тоа што вчера го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план. Наредниве денови, рече тој, треба да го разгледаат внимателно, да видат што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, и потоа ќе имаат појасна позиција. Се работи за одговор на нашиот Акциски план, потенцираше Османи во интервју за ТВ Телма