Во пресрет на почетокот на првиот Гренд слем турнир, Отвореното тениско првенство на Австралија, организаторот ги потврди правилата за безбедност на сите учесници.

Турнирот во Мелбурн почнува на осми февруари, а според протоколот тенисерите мора да пристигнат две недели порано и да бидат сместени во карантин.

Во овој период ќе се направат неколку тестирања, а ќе има правила за ограничено движење на тенисерите.

Во тие две недели тенисерите ќе може да тренираат во помали групи дури по осмиот ден од влегувањето во карантинот, а секое прекршување на правилата од страна било кој член на тимот на играчот ќе се смета како прекршок на тенисерот и тој ќе се соочи со санкции.

Секое прекршување на протоколите ќе се санкционира со 19.000 долари, а во зависност од тежината може да се изрече автоматска дисквалификација од турнирот, одземање на заработката од настапот, но има и драстични мерки како депортација па дури и приведување.

Тенисерите во Мелбурн може да дојдат од седум локации, Абу Даби, Доха, Лос Анџелес, Сингапур, Мајами, Дубаи и Анталија и за нив се организирани 18 чартер летови.

Од аеродромот до хотелот тие ќе бидат превезени во автобуси со полициска придружба, а строгите правила ќе почнат да важат од моментот на влегувањето во хотелот.