Претседателот Стево Пендаровски во вечерашното интервју за Националниот сервис вели дека во пристапот со Бугарија не треба ништо да се менува и оти не гледа потреба од потпишување анекс на Договорот за добрососедство.
– Во однос на Бугарија направивме се, со најаргументирани ставови и барања да допреме до нив и да им кажеме дека ова што ние го предлагаме е во рамките на европските вредности и принципи. И се обидовме на секаков можен начин, формално и неформално, директно, не преку посредници, директно им кажуваме дека има работи за кои и вие не би преговарале, кога би биле во наша ситуација, истакна Пендаровски.
Вели дека тие нема за што да разговараат како Бугари, кои зборуваат бугарски јазик со Македонците кои зборуваат македонски јазик и оти нивниот јазик никој не го спори. Подвлече дека јазикот и идентитетот се основно човеково право и оти не може никој да ти кажува кој си и што си.
-Прашање на идентитет и јазик не е работа на муабет, туку е лична работа за тоа како јас се чувствувам и како се декларирам. Базично човеково право на самодекларирање и на самоопределување. Не би требало да смениме ништо во тој настап, отсега натаму, само треба да почекаме од другата страна, во Софија, не да дојдат нови луѓе на власт, туку истиве луѓе да сфатат ако ви беше мотивот, еве имате избори, евентуално да поминете подобро на тие избори, изборите завршија, дајте имате цел мандат пред вас да се свртиме кон рационалните аргументи. Бидејќи овие досега не беа рационални аргументи, дециден е Пендаровски.
Информира дека пред два месеци имал долг и коректен разговор со бугарскиот претседател Румен Радев, при што разговарале со аргументација.
-Немаше етикети во тој разговор како што на пример употребува Каракачанов, и некои други политички радикали од таа страна. Разговаравме со аргументација. Тој инсистира на некој додаток на билатералниот договор, вели мора да имаме правна гаранција дека вие мора да го исполните договорот од 2017. Јас му реков не гледам потреба од анекс на Договорот, некаков посебен правен формат на она што е веќе договор, затоа што вие не мора да имате правна гаранција, вие мора да имате политички можности да не блокирате утре по било која основа, не за јазик и идентитет, за што сакате, рече Пендаровски.
Оцени дека овој спор што е наметнат од нивна страна е по дефиниција политички и оти нема никаква врска со правото.
-Во договорот од 2017 никаде не пишува дека ќе разговараме за македонскиот јазик пред 1944 да се напише во правна форма, дека бил бугарски. Тоа не е договарано, тоа не е ни помислувано од страна на преговарачите тука во Скопје. Анекс на договорот во принцип се пишува кога нешто сакаш да дополниш во основниот договор или евентуално да се допрецизира, рече претседателот Пендаровски
Comments are closed for this post.