Премиерот Зоран Заев најави дека пописот на население, кој ќе се спроведува следната година, ќе чини за 5 милиони евра помалку отколку пропаднатиот попис во 2011 година.

Земјава нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција, но Заев најави дека ова дефинитивно ќе се смени во првата половина на 2021 година.

„Потсетувам дека во Извештајот на Европската комисија беше нотирано дека е постигнат особено добар напредок во спроведувањето на пилот-фазата од пописот на населението. Затоа сме сигурни дека следува успешна статистичка операција спроведена според најдобрите стандарди на ЕУ“, рече Заев.

Тој најави дека со предлог-законот за попис, оваа статистичка операција, сега и во иднина повеќе нема да се третира како политичко прашање.

Пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра. Тоа е за 5 милиони евра помалку од пропаднатиот попис на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Наместо хартија, ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои ги организиравме во изминатите три години. Пописот во 2021 ќе се спроведе – не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис“, рече Заев и додаде дека на граѓаните, институциите, организациите, бизнисот, науката и на академијата им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за нашето население.