„Најефективниот начин да се уништат луѓето е негирање и уништување на сопственото разбирање на нивната историја.“ Вака гласи еден познат цитат (јас би рекол рецепт) на британскиот писател Ерик Артур Блер, или за пошироката публика познат под псевдонимот како Џорџ Орвел. Денес неговото дело останува толку влијателно во популарната култура што поимот „орвелизам“ се користи при опис на најразлични начини на контрола на мислите на луѓето од страна на власта и државата.
И како според Орвел може да се контролираат мислите на луѓето?! Тој тоа најдобро го опишува во неговиот роман „1984“. Мислите на луѓето може да се контролираат преку Министерството за вистината. Тоа министерство ги контролира информациите, вестите, забавата, образованието, па дури и уметностите.
Во тоа министерство има вработени чиновници, службеници (читај: полтрони) кои ги „исправуваат“ историските записи во согласност со управата и сѐ што ќе каже власта треба да звучи како вистина. Е тоа веќе смрди на спроведување на тоталитарни и авторитарни социјални практики од страна на власта во државата и општеството.
Сега замислете дека погоре опишаното и навистина ни се случува. Впрочем, кога и ќе се замислам (не мора два пати), тоа и навистина ни се случува. Има Министерство на вистината (или на образованието) кое се обидува да ја контролира информацијата преку менување на концептот на основното образование. Е тука исто така ми смрди на обид за социјален инженеринг по директива на власта.
Или уште повеќе личи на маркетиншки обид дека нешто е сработено во областа на образованието во првите сто дена од владата, па ете ја таа компилација од предмети со наслов „нов концепт“ во основното образование. Ама баш како во Финска?! Лошо. Многу лошо. Лошо за сегашноста. А уште полошо за иднината. „Министерството на вистината“ се обидува да го спои предметот историја со група други предмети во основното образование, а при тоа го прави без консултации со Институот за историја при Филозофскиот факултет. Значи Министерството испорачува и креира образовни политики за долгорочна штета на идните генерации што треба да ја водат оваа држава.
Ајде да го вратиме малку филмот назад. Нели оваа екипа што се обидува да направи социјален инженеринг во образованието и историјата, истата оваа екипа се бореше во т.н. Шарена револуција против режимот што ја водеше заробената држава?!
Нели заробената држава имаше тенденции да ги контролира мислите на граѓаните?! Зошто сега оваа екипа, исто така се обидува да ги контролира нашите мисли? Власта ли ги повампири?! Г…. си го даваат и продаваат за да им се бендисаат на соседите и по секоја цена да ја исполнат агендата за политичко преживување. Датумот, датумот, преговори, започнуваме, почнуваме, и на крај оп – вето. Нема ЕУ.
А генерациите што се образувавме по „стариот концепт“ на образование со остатоци на „јус стандарди“ од историјата, каква – таква, фалсификувана или не, знаеме дека соседите не биле нашите најголеми пријатели. Е тоа разбирање колку и да биде фалсификувано, токму од тековните политички случувања разбираме дека тој дел од историјата и не е баш некој фалсификат. Екипава на власт потпиша секакви договори за промена на уставното име, за разбирање, добрососедство, па дури организираа и нато концерти, референдум за розовата иднина во ЕУ, бесплатно здравство, чист воздух за сите, итн., итн… А, бидејќи сите соседи ни се со мегаломански идеи, сите се големи, светот од нив почнува, па ги користат политичките прилики и алатки за вето како дел од големото богато европско друштво и сега се мајтапат со нас.
Но, во тоа друштво има и други другарчиња што знаат за мегаломанските идеи на нашите соседи, па не се согласуваат со нивните идеи дека светот од нив започнува. Обично се вели дека „кармата е кучка“, па Чесите и Словаците им опнаа вето на заклучоците на нашите „добри соседи“. Тоа што се случи, не се случи затоа што нашата дипломатија е многу способна, или па ние сме толку многу симпатични, или па сме гревота, па Чесите и Словаците се сожалија на нашите маки.
Впрочем, навистина сме гревота со вакви непрокопсани водачи. Сепак, мислам дека и Чесите, и Словаците ги штитат своите национални интереси и имаат свои политички причини зошто направија таков дипломатски маневар со вето на заклучоците предложени од германското претседателство на ЕУ во однос на нашата европска интеграција.
Од тука, па на каде?! Оваа екипа на власт ништо не направи во сто дена. Всушност, направи штета. Значи треба промена на оваа власт, ако сакаме да опстоиме како држава во иднина. Во спротивно, претстои опасност да ни се случи тоа што Орвел го нагласил во неговиот рецепт.
Comments are closed for this post.